Собранието ја очекува премиерската оставка што по големиот изборен пораз на локалните избори, ја најави Зоран Заев. Ваков документ се уште не е пристигнат во законодавниот дом.
„Согласно Деловникот и Уставот.Имало постапки во кои откако во собранието се коснтатира оставката, Претседателот на Републиката е должен во рок од 10 дена мандатот да го достави на мандатар кој има обезбедено мнозинство од 61 пратеници. Потоа мандатарот има 20 дена за одлучување, но тоа се ќе зависи откако ќе биде доставена оставката“ вели Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицевски го повтори ставот на лидерот Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да направи ново парламентарно мнозинство. Како, ако се знае дека СДСМ, ДУИ, БЕСА, и другите помалу коалициски партнери имаат тенко, но реално мнозинство од 62 пратеници. Ако ова сценарио за ново мнозинство не успее, ВМРО-ДПМНЕ најавува дека ќе оди на опција Б – предвремени парламентарни избори зашто, како што тврди опозцијата, оваа власт го изгубила легитимитетот.
Вчера на покана на премиерот Заев во Владата се одржа средба на претставници на сите политички партии кои го сочинуваат парламентарното мнозинство во Парламентот.
-Сите партнери од парламентарното мнозинство беа присутни на средбата и изразија поддршка на влада од ова парламентарно мнозинство. Парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот.
Заеднички се констатираше дека на Северна Македонија и на граѓаните на земјата не и се потребни предвремени парламентарни избори и дека такви избори единствено би ја втурнале земјата во политичка, економска, општествена и безбедносна криза, но исто така ќе ги закочат и процесите на европски интеграции на Северна Македонија, соопштуваат од Владата.
Додаваат дека коалиционите партнери од парламентарното мнозинство биле едногласни дека на Македонија и е потребна Влада која испорачува резултати од интерес на граѓаните, посебно во време на пандемијата и енергетска криза, со јасен евроатлантски курс на дејствување.
УСТАВ, ЧЛЕН 90:
„Претседателот на државата е должен (во рок од 10 дена од денот на конституирањето на Собранието) да му го даде мандатот за формирање на Влада на кандидатот на партијата, односно партиите кои ќе имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на давање на мандатот, до Собранието доставува програма и го предлага составот на Владата. Владата на предлог на мандатарот и врз основа на програмата ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.“
Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски велат дека претседателот ќе постапи според досегашната практика.
„Претседателот на Република Северна Македонија не е официјално информиран од претседателот на Собранието дека премиерот поднел оставка. Кога ќе биде информиран за евентуалната оставка, претседателот во законскиот рок од десет дена по завршувањето на консултациите ќе го додели мандатот за формирање Влада на партијата или партиите кои ќе имаат мнозинство во Собранието“, наведоа од Кабинетот на претседателот.