Празни контејнери на булеварите и пред домаќинствата. Багери кои го чистат коритото на реката Вардар, сечење на жалните врби. Ова беше сликата на третиот ден од акцијата за чистка на Скопје. Метлата заигра и во тесните сокаци на чаршијата. Ги нема повеќе депониите кои беа честа слика во главниот град. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски задоволен од досега постигнатото. Вели, собрани се над 4.500 тони смет, а комуналните инспектори изрекле и казни на несовесни граѓани и на правни лица. Градскиот татко додава дека ова е само почеток.
Граѓаните љубопитно гледаа како се чисти Вардар и кејот во центарот на градот. Дел од нив се задоволни и сметаат дека сликата метрополата е сменета, но дел со став дека не требало Скопје да се остави да биде преполно со отпад. Сепак впечатокот е дека Скопје и понатаму е валкано и со шут и дека градот не е само плоштадот, кејот и Вардар кај Камени мост. Дел од граѓаните прашуваат ако не може да се исчисти центарот за три дена, што ќе биде со останатиот дел од градот…
За дел од граѓанските активисти, ефектите се видливи од чистењето за 72 часа – „видливо беше целото ова беше политички инструирано“. Според членот на независната иницијатива „Зелен хуман град“, Горјан Јовановски, „од нигде никаде не дека сега се појавија нагло можностите на „Комуналец“ и на сите они кои го чистеа отпадот, да не можат да го направат тоа пред изборите, па сега магично да можат“ туку, како што вели, се покажа дека со истите ресурси си играме кога и како што сакаме, со цел да креираме одредена политичка криза или ситуација во Скопје и државата.
-Тоа е познато за нашите партии во овие 30 години и буквално сум вчудоневиден како граѓаните продолжуваат да ги гласаат истите партии во круг веќе 30 години, како навистина веќе сме забегале со умот, истакнува Јовановски во разговор за „Локално“.

Горјан Јовановски/Фото: Локално
Кога станува збор за системските слабости, тие ги нема, потенцира Јовановски, туку тие се партиите.
-Да работеше Град Скопје и Советот да работеше совесно и да гласаа совесно, а не од партиски инструкции и од чист инает, никогаш немаше да се доведеме во ситуација да имаме проблем со било кое државно претпријатие. Ние како „Зелен хуман град“ зборуваме со години дека мора да се направи системска ревизија на сите претпријатија и нивната работа. Има тон луѓе внатре кои што се вработени без потреба и седат и дремат, има тон луѓе кои работат комплетно неефективно. Ние го чуваме ваквиот кадар за да можат да гласаат понатау на избори. Ако сакаме да имаме вистински функционални институции, тие треба да работат многу пофункционално од тоа што го прават сега, потенцира соговорникот.
Запрашан кој и како ќе го исчисти и воздухот и кој е основниот пакет мерки од старо-новите градоначалници за конкретни резултати, Јовановски смета дека „немаме што да им кажуваат на градоначалниците како да го исчистат воздухот“. Според него, ако дошле со сопствена платформа, треба да ги имплементираат мерките од неа и да покажат дека за една година, ние ќе имаме планински воздух во Скопје.
-И кога ќе кажат следен пат: „Знаете, ама тоа не се решава преку ноќ“, ќе им ги пуштам репризите од изјавите од пред 5,10, 15 години кога истото го повторуваат. Јас сум толку време активист и мене истото ми го повторувале. Мерките ги знаеме, резултатите треба да се видливи, ама ние не ги имплементираме мерките бидејќи не носат профит, со оглед дека не се прават пари од валкани зделки. Немаме ние што да им кажуваме на градоначалниците што треба да направат – доволно им кажувавме сите овие години. Треба да ги засукаат ракавите, да направат и да покажат дека се способни бидејќи повторно ќе го дишеме загадениот воздух и оваа зима и следната, се додека дозволуваме истите партии да не „маткаат“ како што сакаат, заклучува членот на „ЗХГ“.

Фото: ЈП „Паркови и Зеленило – Скопје“
Скопје е домаќин на петтиот Социо-еколошки форум, каде експерти од Европа дискутираат за обезбедување на праведен јавен простор, грижа за зеленилото, урбаната опрема, јавниот градски превоз.
Бројката на лица кои се отстранети од работа, бидејќи зеле плата, а не одговориле на обврските, надмина 400. Ѓорѓиевски најави дека ќе гради нов систем и нема да се толерира нефункционалното работење.
Акцијата за чистење на Скопје за 72 часа која почна во четвртокот беше едно од најголемите ветувања на Ѓорѓиевски во изборната кампања. Тврди дека ваквата акција ќе стане традиција и ќе биде се почеста.
На скопјани, пак, останува колку тој ќе остане чист доколку совесно се однесуваат и не фрлаат смет на несоодветно место.