Што сè можете да дознаете благодарение на вашата крвна група?

од Elena Daskalova

Крвната група не треба да ја знаете само ако треба да дарувате или да примате крв. Таа во себе носи многу одговори кои се однесуваат на вашето здравје.

Како што веќе ни е познато од часовите по биологија, постојат молекули наречени А или Б антигени кои може да бидат присутни во крвта или воопшто да ги нема, како и протеинот наречен Rh-фактор. Па така, има осум крвни групи и тоа А+, А-, Б+, Б-, АБ+, АБ-, 0+ и 0-. Овие антигени различно влијаат во секој организам, но има одредени болести кои се заеднички за една крвна група.

Прочитајте нешто повеќе за тоа од што треба да се штитите, во зависност од крвната група:

Срцеви заболувања: А, Б и АБ

Овие крвни групи имаат 25-30% повисок ризик за создавање тромбови за разлика од нултите групи, како и 15% повисок ризик од смртност како последица на срцеви заболувања.

Проблеми со коагулација: 0

Како што веќе споменавме, нултите групи имаат понизок ризик за создавање тромбови, но имаат проблем со коагулација во случај на поголема повреда, кога крвта треба да создаде засирен тромб на површината, за да се спречи крварење и да се обезбеди зараснување на раната.

Проблеми со плодноста: 0

Според повеќе анализи, женските носители на крвни групи 0+ или 0- имаат природно пониско ниво на фоликулостимулирачки хормон (FHS), односно помали резерви на несозреани јајцеклетки.

Зголемен ризик за гастритичен карцином: А, Б и АБ

Носителите на ненулти крвни групи имаат почувствителен дигестивен систем. На пример, при хеликобактер пилори, нултите групи полесно се справуваат со симптомите, додека кај другите може да дојде до воспаленија, а во најлошите случаи и чир или гастроинтестинален карцином.

Длабока венска тромбоза: А, Б и АБ

Ненултите крвни групи, како што веќе наведовме, се посклони кон тромбови, па така и кон длабока венска тромбоза, која може да се појави во нозете и рацете и во најлош случај, да се откачи и да предизвика срцев застој.

Слаба меморија: АБ

Иако се работи за најретката крвна група, без разлика на Rh-факторот, нејзините носители имаат 82% повисоки шанси за когнитивни проблеми, како што е губење на меморијата, целосно или парцијално, но и проблеми да се запаметат одредени факти.

Дијабетес: А и Б

Носителите на овие две крвни групи имаат високи шанси за дијабетес, особено оние со крвна група Б. Иако нема јасна причина зошто е тоа така, една од претпоставките е дека крвната група влијае врз GI-микробиомот, кој пак, дејствува врз метаболизирањето на глукоза во телото.

Слични содржини