Трошоците на живот во ноември, во однос на претходниот месец, останаа на исто ниво, а кај цените на мало има пораст од 0,3%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Трошоците на животот во ноември оваа година се на исто ниво како и претходниот месец, но е забележано движење во подгрупите. Пораст на трошоците на животот, во ноември 2020 година, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук освен компирите и другите коренести плодови за 13,3%, маслото и маснотиите за 2,2%, пивото за 0,5%, жестоките пијалаци за 0,4%, сирењето и урдата, прехранбените производи, неспомeнати на друго место, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0,2%.
Во ноември 2020 година, исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај гасот за домаќинствата за 2,1%, електричните апарати за лична хигиена за 1,7%, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 1,5%, малите електрични апарати за домаќинствата за 1,2%, информатичката опрема за обработка на податоци, градините, растенијата и цвеќињата за 0,8%, облеката за 0,6%, домашните миленици и сродните производи за 0,5%, големите електрични апарати за домаќинствата, другите медицински производи за 0,4%, материјалите за одржување и поправки на живеалиштето за 0,2%.
Намалување на трошоците на животот во ноември 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 13,3%, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,7%, млекото за 0,5% и месото за 0,2%.
Исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај домашните услуги и услугите за домаќинствата за 3,1%, медиумите за снимање за 2,2%, моторните возила за 1,4%, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 0,6%, цврстите горива за 0,4%, обувките, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства за 0,3%, другите услуги за опремата за сопствен превоз, патниот патнички транспорт за 0,2%.
Трошоците на животот во ноември оваа година, во однос на истиот период лани, се зголемени за 2,2%, а кај цените на мало има зголемување од 1,8%.