Две подводни експлозии „веројатно предизвикани од детонации“ биле пријавени во близина на истекувања од гасоводот Северен тек 1 и 2 и се случиле непосредно пред да биде забележано истекувањето, соопшти шведскиот сеизмографски институт.
Првата „голема енергетска емисија“ со магнитуда 1,9 е регистрирана ноќта меѓу неделата кон понеделникот во 02:03 часот по локално време југоисточно од данскиот остров Борнхолм, а втората со јачина од 2,3 во 19:04 часот во понеделникот на североистокот на островот, изјави Питер Шмит за АФП од Шведската национална сеизмографска мрежа.
„Ние толкуваме дека експлозиите најверојатно биле предизвикани од некоја форма на детонација“, рече тој.
Норвешки сеизмолози: Ова беа намерни експлозии
Независниот норвешки сеизмографски институт (Норсар) потврди „помала експлозија“ рано наутро во понеделникот и втора, „посилна“ во понеделникот вечерта. Оттаму веруваат дека биле намерни.
„Тоа е голема експлозија. Тешко е да се остави впечатокот дека тоа го направил некој кој знаел што прави“, изјави директорката на Норсар, Ен Стрмен Лајк за АФП. „Со ослободувањето на толку енергија, тоа не може да биде ништо друго освен експлозија што ја предизвика“, рече Шмит.
Потресите биле „многу ненадејни“, вели сеизмолог од шведскиот универзитет во Упсала.
Три истекувања
Трите големи излевања идентификувани во понеделникот во водите кај данскиот остров Борнхолм се видливи на површината во морска пена со дијаметар од 200 метри до 1 км. Необјаснетите протекувања се резултат на „планиран терористички напад“ извршен од Москва, тврди Украина, во време кога се забележуваат се повеќе акти на саботажа.
Кремљ во вторникот објави дека не ја исклучува можноста штетата на гасоводите „Северен тек“ во Балтичкото Море да е предизвикана од саботажа и изрази „екстремна загриженост“.
Европската комисија претходно во вторникот соопшти дека е прерано да се шпекулира за причината за истекување на гас во два гасоводи наменети за испорака на гас од Русија до Европа.