Легендата на Формула 1, Михаел Шумахер повеќе не може вербална да комуницира по несреќата на скијање во Франција во 2013 година, изјави германскиот новинар Феликс Горнер, близок до семејството на седумкратниот светски шампион.
„Тој е личност на која му е потребна грижа, зависен e од неговото семејство и не може да се изрази со јазикот. Ситуацијата е многу тажна“, додал Горнер.
Новинарот информирал дека „максимум 20 луѓе“ имаат пристап до Шумахер (56), за кого се грижат неговата сопруга Корин и тим лекари во неговиот дом на Женевското езеро, пренесува „АГИ“.
„Според мене, ова е вистинскиот пат, бидејќи семејството постапува во неговите најдобри интереси, тие секогаш биле целосно заштитнички настроени кон неговиот приватен живот и тоа нема да се промени“, рекол новинарот.
Шумахер доживеа трауматска повреда на главата на скијање кон крајот на декември 2013 година, по што извесно време помина во кома. Оттогаш, во медиумите во неколку наврати се појавија информации дека поранешниот Формула 1 возач е во инвалидска количка и не може да комуницира, но досега блиски до Шумахер јавно не ја коментираа неговата здравствена состојба.