Иднината на сите „шест“ балкански земји лежи во ЕУ, изјави денеска државниот секретар за Европа, Мајкл Рот, нагласувајќи дека Балканската шестка ја има целосната поддршка од Германија и целата Унија во процесот на влез во ЕУ.
„Убеден сум дека сме на вистинскиот пат и Западен Балкан ја има и ќе ја има нашата посебна посветеност“, рече Рот, кој преку платформата за „Зум“ се приклучи на состанокот „ЕУ-ЗБ во ерата по Ангела Меркел“, додавајќи дека многу е важна посветеноста на сите членки на ЕУ и на сите институции.
Рот изјави дека е потребно да се забрза процесот на европска интеграција и истакна дека е крајно време да се отворат преговори со Албанија и Северна Македонија.
Тој потсети дека Германија, со цел да го поддржи процесот, кога тој не беше на високо место на агендата, го иницираше Берлинскиот процес и додаде дека целта се опипливи чекори што ќе ги почувствуваат граѓаните на Западен Балкан.
Во тој контекст, тој изрази задоволство од укинувањето на роамингот на Западен Балкан од 1 јули и дека придонесот за подобра соработка ќе го даде RYCO – Регионална канцеларија за млади, што е еден од видливите придонеси и „производи“ на Берлинскиот процес и преку училишни размени.
Изрази очекување дека наскоро граѓаните од регионот ќе можат да патуваат без лична карта.
Тој потсети дека Конференцијата за „мал Шенген“ се одржа вчера, на која беше најавена целосна поддршка за регионалниот заеднички пазар на Самитот во Берлинскиот процес, на 5 јули.
Исто така, Рот ја посочи ИПА 3 програмата и другите инвестиции, кои, како што рече, се издвојуваат покрај политичкиот и економскиот акцент на Западен Балкан.
Средбата беше организирана од Форумот за стратешки студии во соработка со Фондацијата Фридрих Еберт.