Што значат гаранциите на Шолц: „На Бугарија нема да ѝ биде дозволено да се изживува, ВМРО-ДПМНЕ не може да ја промени преговарачката рамка“

од Nikola Popovski
1,2K прегледи

Германскиот канцелар Олаф Шолц вчера во Берлин изјави дека лично гарантира дека на Северна Македонија нема да ѝ бидат поставени нови билатерални услови за почеток на втората фаза од преговорите со Европската унија. Тој ова го рече на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски, по повод изјавата на претседателот на Бугарија, Румен Радев, дека уставните измени за воведување на Бугарите се само прелиминарен услов и дека нивното исполнување не ги исцрпува сите услови Скопје да ја започне втората фаза од преговорите. „Не, тоа е јасно договорено. И така треба да биде. Треба да има редовен процес на пристапување според процедурите управувани од ЕУ. Тоа се работи кои се веќе напишани на хартија, а други поврзани со билатералната ситуација не треба да доаѓаат. Стојам зад тоа и гарантирам“, рече Шолц на прашањето дали е прифатливо за него да се поставуваат нови услови за почеток на втората фаза од преговорите.

Зоран Иванов

Ваквите пораки од официјален Берлин се охрабрувачки за нашата земја, посебно кога се однесува околу идентитетот, како и за пречките што наводно Бугарија како уцени ќе ни ги става во текот на преговорите. Ова е заклучокот на дел од домашната експертска јавнот. Политичкиот аналитичар и новинар Зоран Иванов во разговор за „Локално“ појаснува дека идентитетските и историските теми воопшто не се третираат во кластерите и не влегуваат во категоријата добрососедски односи.

-А дека ќе има пречки за други теми не толку од бугарската страна туку од другите членки како за правото, корупцијата, екологијата, да не набројувам. Нема идеален пат до ЕУ. Значи германскиот канцелар тоа го гарантира. Гарантира дека на Бугарија нема да и биде дозволено натаму да се изживува врз идентитетски и историски теми, порачува новинарот.

Околу пораките за уставните измени и дали се конкректно насочени кон опозицијата, Иванов вели дека Шолц не уцени, туку со недипломатски речник ни рече: земете или оставете.

-И порача дека нема шанси ниту запирка да се промени од преговарачката рамка во која многу се вложи и германската и француската дипломатија. Со неа практично не извлекоа од канџите на Бугарија и не ставија на бриселската маса недоразбирањата со нашиот источен сосед да ги решаваме пред сведоци, пред сите други држави членки на ЕУ. Да не беше рамката сега ќе бевме и надвор од интегративниот процес и ќе бевме оставени да се справуваме со бугарските децениски идентитски хирови, истакнува новинарот.

Иванов е дециден дека на ЕУ патот треба да се потпираме најмногу на себе.

-На потребите да се прават нужните реформи. Шолц и останатите ни ја отворија вратата и до нас е дали ќе исчекориме натаму. А ВМРО-ДПМНЕ блефира. Ниту рамка ќе промени, ниту бутур. Па Софија едвај чека да не ги почнеме преговорите за пак да останеме со неа да ги тераме битките. Колку подалеку од ЕУ, толку поблиску до Софија. Во ВМРО-ДПМНЕ треба да се запрашаат за кого работат -за Софија или за Брисел. На темава, нивното актуелното партиско однесување не работи за. Секако е нужен и компромис и договор со власта при крајот на годината, заедно со Албанија, да ги отвориме првите ЕУ кластери, оценува аналитичарот.

Енвер Салихи

Германија е лидер во рамките на земјите во ЕУ и нивните пораки секогаш се пораки на унијата, вели политичкиот аналитичар, Енвер Салихи за „Локално“.

Тој појаснува дека не би било возможно да има нови барања од страна на Бугарија бидејќи рамката за нашата земја е веќе затворена и нема враќање назад.

-За жал немаме алтернативен пат освен уставните измени и тоа е можеби последната порака која директно ни се соопштува во пресрет на овој процес. Ова е тежок процес за нас како држава и сметам дека политичарите треба да смогнат сила овој процес да биде минато и да се движиве во правиот колосек, посочува тој.

Салихи порачува дека целата јавност очекува промена на ставот на македонската опозиција која има најдобри релации со Германците , што покажува дека вистинскиот фактор ја дава пораката таму каде што е потребно.

Н.П.

Слични содржини