Што значи кризната состојба во КПУ Идризово: „Војската е ангажирана само за обезбедување на надворешниот дел, МВР ќе асистира на затворската полиција при претрес на осудените“

од Nikola Popovski
1,4K прегледи

Во моментов во затворите во Македонија има околу 2.260 затвореници, а 2100 кревети, покажуваат податоците на Управата за извршување санкции во Министерството за правда. Оваа преполнетост на затворите со себе повлекува други проблеми околу условите во нив, но особено околу процесите на работно ангажирање на затворениците, нивното образование во затворски услови, комуникација со надворешниот свет, внатрешната безбедност итн. Притоа Собранието со 62 гласа „за“ донесе одлука со која ја продолжи кризната состојба во КПУ КПД Идризово, со што најголемиот македонски затвор ќе продолжи да биде обезбедуван од војската.

Според опишаното во Одлуката, состојбата во затворот е очајна. Недостасуваат над 100 затворски полицијаци, нема заштитна ограда во должина од 5 километри, нема скенер за рачен багаж, а нема ни целосен видео надзор. Сосема друг проблем е физичкото обезбедување на затворите, за кое затворениците исто така имаат поплаки, а дел од чуварите се почесто почнаа да ја губат работата бидејќи се фатени во криминал со затворениците, пренесувајќи им дрога, мобилни телефони или други дефицитарни стоки. Познавачите на оваа тема како Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници повеќе години ја следат и известуваат за состојбата во казнено поправните установи, како и обезбедуваат бесплатна правна помош за осудените лица. Оттаму за „Локално“ велат дека состојбата во КПУ Идризово е алармантна и условите во истата се субстандардни и достигнуваат степен на нехуман третман особено во некои крила од затворениот дел за што имаме повеќе пати известено.

Не можеме да кажеме дека сме изненадени од прогласувањето на кризната состојба во КПУ Идризово, со оглед на тоа дека сме запознаени со состојбата во истата, но и со последните случувања со кој беше запознаена и јавноста, но исто така не сметаме дека прогласување на кризна состојба е најсоодветното решение. Сепак, издигнување на ова прашање на ова ниво е позитивно и се надеваме дека  со политичка волја ќе се подобри состојбата и ќе биде само почеток за промени кои се неопходни, за кој даваме наша безусловна поддршка. Вклучувањето на армијата во обезбедувањето на установата е предвидено согласно одлуките и проценката на Главниот штаб и прогласувањето на кризната состојба, а поради зајакнување на безбедноста во услови каде истата е намалена. Сепак, според информациите кои ги имаме војската ќе биде вклучена само на надворешниот дел, поради обезбедување на установата, а полицијата ќе асистира само на затворската полиција при претрес на осудени лица, појаснуваат од Хелнсиншкиот комитет во разговор за „Локално“.

Додаваат дека од исклучително значење е осудениците да имаат контакт со лица кои се обучени да работат со оваа категорија на лица и мора да постои систем на надзор и контрола. Сметаат дека државата мора да се осигура дека во своето постапување за време на кризна состојба ќе се почитуваат меѓународните стандарди и истото нема да е на штета на осудените лица кои издржуваат казна затвор во КПД Идризово.  

За нив како што велат, особено е битно кризната состојба да не се продолжува до недоглед, посебно поради тоа што станува збор за структурни недостатоци во пенетенцијарните установи кои постојат од многу одамна и решението не е прогласување на кризна состојба туку решавањето на системските проблеми.

Хелсиншкиот комитет за човекови права неодамна организирал настан на кој укажале на нивните забелешки како невладин сектор и добро е што веќе се дискутурала состојбата со кризната состојба во Идризово во Собрание. Дел од нивните заклучоци се:

– Државата да обезбеди финансиски средства за вработување на припадници на затворската полиција и да се вложат напори за надминување на овој проблем кој е воедно и меѓу клучните причини за прогласување на кризната состојба.

– Во меѓувреме, покрај безбедносните закани и зајакнувањето на обезбедувањето на установата, посветено да се работи на системските долгогодишни недостатоци со кои се соочуваат пенетенцијарните установи, особено КПД Идризово како проблемите при менаџирање со установата, пристапот до здравствена заштита, пренатрупаноста, психосоцијалната заштита за осудените лица и пост-пеналната грижа.

– Да се вложат напори за подобрувањето на условите за осудените лица во КПД Идризово кои се до степен на нехуман третман во некои крила, посебно во затвореното одделение.

– Националниот превентивен механизам и граѓанските организации да продолжат со мониторинг на условите и третманот на осудените лица во казнено-поправните установи и да бидат вклучени и во тек со активностите преземени од страна на институциите за време на кризната состојба.

– Државата да се осигура дека во своето постапување за време на кризна состојба ќе се почитуваат меѓународните стандарди и истото нема да е на штета на осудените лица кои издржуваат казна затвор во КПД Идризово.

Oд невладината организација се децидни дека недостигот на затворска полиција е проблем со кој се соочуваат установите подолг период.

Недостигот на затворска полиција и недостигот на опрема на затворската полиција особено во КПУ Идризово е особено загрижувачка со оглед структурата на осудените лица, па оттука апелираме на што е можно побрзо вработување на 100 припадници на затворска полиција во КПУ Идризово, за што Владата има дадено согласност. Треба да се истакне дека сите вклучени во обезбедувањето на казнено поправните установи треба да имаат соодветни квалификации, порачуваат од Хелсиншкиот комитет и Здружението на млади правници.

Н.П.

Слични содржини