Што значи системот „Најди ме“ и колку може да помогне во наоѓање на малата Вања: „Битно е јавноста да разбере што е можно побрзо и да продолжи истрагата“

од Nikola Popovski
993 прегледи

14-годишната Вања Ѓорчевска е последното од неколку исчезнати деца за кои не се знае што се случило со нив. Нејзината фотографија сега е и на интернет-страницата на МВР, каде се објавуваат основните информации за исчезнати луѓе. Од девојчето веќе ден и половина нема ниту трага, ниту глас.

Случајот со Вања го актуелизираше прашањето за брзината со која службите работат на ваквите случаи и кои се механизмите кои граѓаните ги имаат на располагање. Во земјава речиси почна да функционира системот „Најди ме“, по примерот на таканаречениот „Амбер алерт“ кој итно ја известува јавноста кога ќе исчезне дете. Официјално ќе биде претставен на 18-ти декември, извести за „Локално“, Александра Радевска од невладината  организација „Новинари за човекови права“.

Тој е поставен во соработка и под проектен менаџмент на партнерската организација ЕКПАТ – Австрија. Се потпира на австриско искуство, бидејќи таков систем веќе постои во Австрија, која е дел од мрежата на „Амберт Алерт Европа“.

-Првите чекори кои треба да се преземат е за најблиските е да пријават во најблиската полициска станица и да се алармираат сите распожливи сите ресурси за да се дојде до информација кога и каде точно исчезнало. Следен чекор е алармирање на пошироката јавност. Во тој контекст ги користиме социјалните мрежи, меѓутоа еве во доменот кој што работиме, би била и страницата „najdime.org.mk“ – аларм систем кој што го воспоставивме во соработка со МВР и кој функционира на почетно ниво, а целосно функционален ќе биде од средината на декември, истакна Радевска.

На веб-страницата во моментов може да се постави профил на исчезнато лице, се пополнува една форма апликација и откако ќе се потврди дека лицето е исчезнато и е пријавено во МВР, Радевска вели дека ја објавуваат информацијата и ја споделуваат со сите чинители кои можат да помогнат во потрагата.

Покрај на социјалните мрежи, во иднина ќе бидат партнери-соработници и компаниите, такси-службите, јавниот градски превоз, бизнисните како банките кои на банкоматите можст да ја споделат информацијата, медиумите, хотелите на шалтерите на вработените, на аеродромите. Тоа ќе биде начинот на кој јавноста побрзо ќе дојде до информацијата дека некое лице исчезнало и за да се дојде до потребните информации.

-„Najdime.org.mk“ ќе функционира и со проширени капацитети и со партнери. Ќе се појавуваат фотографии од исчезнатото лице по медиумите, јавниот превоз, хотелите. Сето тоа е во соработка со МВР. Таму информацијата ќе биде проверена за да не дојдеме до веста со наводното исчезнато бебе во болница од пред неколку дена. Тоа е превентивата. Битно е јавноста да разбере што е можно побрзо и да продолжи истрагата. Се надеваме дека ќе имаме уште поголем опсег, вели Радевска.

Граѓанскиот активизам не треба да се забрани, посочува соговорничката и порачува дека сите сме граѓани и сме одговорни за сопствената и безбедноста на околината.

-Јас би апелирала во организирањето на граѓаните, да има одговорно однесување, да нема лажни информации, одговорно размислување во смисла да не се создава паника и да се ангажираат сите кои што ќе видат нешто, а не се сигурни, да се обратат во најблиската полициска станица или по телефон на 192. Оттаму да се продолжи со потрагата. Полицијата прави се што е нејзин домен, меѓутоа понекогаш граѓаните ќе видат или ќе чујат некои информации кои што можеби семејството не ги знае, заклучува активистката.

Министерството за внатрешни работи објави фотографија од исчезнатата Вања Ѓорчевска. Продолжува потрагата по 14-годишната тинејџерка, чијашто трага од понеделникот се губи во скопско Дебар Маало, на пат кон училиштето „Песталоци“

Опис: висина 175 см, тежина 58 кг, коса темнокафеава, очи кафеави, носи протези на горните и долните заби, има бенка на десната страна од лицето. Облечена во син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови, бели патики со кафеави линии. Со себе носи школски ранец и мобилен телефон „Ајфон“, стои во описот на полицијата.

Полицијата, но и семејство, роднини, пријатели, нејзините другари, цел ден и цела ноќ трагаат по Вања. Таа излегла од домот и тргнала кон училиштето, но оттука и се губи секоја трага. Низ центарот на градот веќе се залепени и фотографии од девојчето.

Повеќе од 24 часа нема ни трага од исчезнатата тинејџерка којашто вчера беше пријавена за исчезната од страна на нејзината мајка. Вчера, рано утрината, девојчето се упатило кон училиштето „Песталоци“ за да ја следи наставата но потоа мајката била известена од класниот раководител дека воопшто не се појавила на часови.

Н.П.

Слични содржини