Што значи влегувањето на Алијанса во Влада за ВМРО-ДПМНЕ: „Ги губи сите партнери кај албанскиот блок, ризикува да остане опозиција“

од Nikola Popovski
408 прегледи

Во текот на денешниот ден треба да се знаат повеќе детали околу веќе извесното влегување на Алијанса за Албанците во Влада. Иако во претходните денови се лиферуваше со имињата на новите министри и ресори кои ги побара партијата, засега ништо нема официјално соопштение. Останува и прашањето како ќе реагираат останатите партии, пред се опозициските ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА во нивните барања за предвремени избори. Очигледно е дека со ваквиот потег на партијата на Арбен Таравари, се намалува опозицискиот фронт и се окрупнува владиното мнозинство.

Професорот и политички аналитичар Мерсел Биљали во разговор за „Локално“ вели дека лошо водената политика на ВМРО-ДПМНЕ направи таа партија да се изолира до крајни размери.

Мерсел Биљали

-Нејзината политика со перманетно праќање пораки кои навидум со партиска боја, а реално проѕирно националистички пораки, направи да ги загуби сите партнери кај албанскиот блок. За жал таа партија продолжува и понатаму по ѕидот со глава и ризикува пак да остане опозиција, смета Биљали.

Тој претпоставува дека „членството на Алијансата со право вршеле притисок кон своето водство, дека соработувајќи со ВМРО-ДПМНЕ само што ќе тонат и тие“.

-Оттука , тие немале друга опција освен да се збогуваат со таа партија, оценува Биљали.

Професорот смета дека странските фактори изгледа сакаат да ја казнат политиката на ВМРО-ДПМНЕ.

-Партијата сериозно го кочи процесот на интеграција, а од тоа имаат корист само путиновските служби. Претпоставувам дека не настојувале да напраат некаков предиборен фронт за Европа кој има шанси да постигне добри резултати за повторно правење власт. Тогаш е очекувано да има сериони внатрешни проблеми, вели Биљали.

Toj верува дека и Беса е свесна дека не смеe да го расипе европскиот проект.

-Мислам дека наредниве месеци ќе се засили европската кампања, со цел да се соберат гласови за уставни промени, а ако тоа не се случи тогаш целата вина ќе потпадне под ВМРО-ДПМНЕ, истакна професорот.

Биљали ја коментираше и ситуацијата со „Огнената група“ на ДУИ.

-Колку ги слушам нивните пораки, Огнените не се судруваат со генералната политиката на ДУИ, туку со кадровската и оперативната. Тие и самите да отидат на избори, има шанси да станат главен фактор за тоа која страна ќе прави стабилно мнозинство, вели тој и додава:

-Со или без промени на Уставот, верувам дека мандатот ќе се истера докрај, можеби заедно со претседателски ибори.

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски пак во разговор за „Локално“ вели дека причините за влез на Алијансата на Албанците е повеќекратна.

Благојче Атанасоски

 

-Прво, да се бајпасираат незадоволниците од ДУИ, односно да се зацврсти легитимитетот на оваа влада, и истата да не зависи од неколкумина противници на Ахмети, второ да се спречат евентуалните предвремени парламентарни избори кои опозицијата постојано инсистира да се случат оваа календарска година и трето да се направи што поголем блок пред процесот на изгласувањето на уставните измени и вметнувањето на Бугарите во Уставот, како услов без кој не се може, за да се продолжи по евроинтегративниот пат на Македонија понатаму, односно да се отвори првото од предвидените 36 поглавја со Унијата, порачува Атанасоски.

Аналитичарот не верува дека БЕСА имаат капацитет да станат прва политичка партија кај етничките Албанци и да ја поразат ДУИ, за да како прва партија во т. н етнички албански политички блок, лесно може да направат коалициска влада со ВМРО-ДПМНЕ.

-Уште повеќе, ако оваа партија упорно не го почитува француски предлог и се противи на внесување на Бугарите во Уставот, на БЕСА ќе и биде забрането од страна на долгата рака на меѓународната заедница кај нас, да направи таква влада која нема да го имплементира францускиот предлог со американски зачини, истакнува тој.

За „Огнената група“ во ДУИ, аналитичарот вели дека ќе мора да пресече што ќе прави: дали ќе продолжи како фракција во ДУИ, или ќе направи посебна политичка партија со која ќе учествуваат на идните парламентарни избори за да го видат и измерат својот легитимитет пред електоратот.

-Оваа состојба за нив е неодржлива, односно се виде дека нивното главно барање за политичка елиминација и ликвидација на Артан Груби не беше реализирано од страна на првиот човек на ДУИ, незаменливиот Ахмети. Незадоволството во иднина ќе расте, а наскоро ќе ја видиме и кулминацијата и разрешницата околу оваа сага, оценува Атанасоски.

Аналитичарот го коментира и барањето за предвремени избори, кое подолг период кружи во јавноста.

-Веројатно ќе има редовни избори во наредната 2024-та година, бидејќи останува помалку од една година мандат на оваа политичка влада. Потоа следува техничката со 100 дена министерски и премиерски кадар, согласно одредбите од т. н Пржински договор. Единствена непозната засега е како ќе се случат уставните измени, бидејќи истите ќе мора да се завршат годинава, а не идната постизборно, согласно роковите кои течат, паралелно со завршувањето на скрининг процесот со ЕУ. Наскоро ќе ја видиме разрешницата : дали некако, „магично“ ќе се обезбедат 80 пратеници или Македонија ќе остане блокирана на својот евроинтегративен пат, порачува Атанасоски.

Н.П.

Слични содржини