Шукова предлага оградување на Вардариште и 24-часовна физичка контрола

Кандидатката за градоначалник на Скопје ќе се заложи и за изградба на современа претоварна станица и целосна санација на контаминиранатa депонија

од Nikola Popovski
28 прегледи Фото: СДСМ

Кандидатката за градоначалник на Скопје, Каја Шукова го оправдува протестот на граѓаните од Аеродром поради труењето од депонијата Вардариште. На денешната прес-конференција, Шукова упати и критики кон нејзиниот противкандидат Орце Ѓорѓиевски.

-Орце Ѓоргиевски ги потценува овие граѓани. Неговото наводно решение за парк е срамна изборна манипулација. Тоа е навреда за сите што протестираат и секојдневно се трујат. Орце ќе го претвори Вардариште во парк онолку колку што го „дислоцираше“ Центарот за зависници од Кисела Вода, кажа екс-министерката, додавајќи дека нејзиниот план се состои од две фази – првата за заштита од палење, односно во рок од 45 дена систем за спречување na палењето на депонијата.

Кандидатката за градоначалник исто така изјави дека доколку дојде на функцијата во Град Скопје ќе се заложи за оградување на Вардариште, 24-часовна физичка контрола и негово обезбедување, како и поставување на систем за видео надзор.

-Во втора фаза на среден и долг рок: Изградба на современа претоварна станица и целосна санација на контаминираната локација. Воспоставување целосен систем за управување со отпад – од собирање до финално депонирање во Дрисла, со задолжителна селекција. Обнова на механизацијата за собирање и транспорт на отпад. Постојан мониторинг и надзор според највисоки еколошки стандарди, рече Шукова на денешната прес-конференција.

Граѓаните од Аеродром повикуваат на протест поради неподносливата миризба и загадувањето од депонијата „Вардариште“, која гореше во неделата, а која непрестајно чади секој ден. Бараат итно решавање на проблемот, предупредуваат дека на локацијата има над два милиони кубни метри отпад што претставува сериозен ризик за здравјето и животната средина.