Шукова: Се уште ги чекаме лабораториските анализи од отпадот во депонијата во Орман, ќе има кривични пријави

од Stefanija Kuzmanovska
304 прегледи

Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова информира дека се уште ги чекаат лабораториските анализи од отпадот во депонијата во Орман и дека очекува најдоцна до понеледник да бидат готови. Најави дека во овој случај ќе бидат изречени парични казни и најверојатно и кривични пријави за прекршителите. Посочи дека процесот веќе оди во таа насока.

„Лабораториските анализи уште ги чекаме, за жал. Секој ден сме во контакт со лабораторијата, заедно со Државниот инспекторат за животна средина. Ветија дека ќе ги имаме најдоцна до понеделник. Утврдивме дека таму има незаконски дејствија. Носена е згура од Пробиштип во Скопје и оној што го направил прекршокот прво ќе го санира местото, а и ќе плати за прекршокот. Нема да дозволиме во иднина повторно истата активност да се случува не само во Скопје, туку и на локацијата од каде што доаѓа згурата. Точно знаеме за што се работи, какви активности имало, само чекаме за каков тип на отпад станува збор“, рече министерката на денешната најавна прес-конференција за отпочнување на годинешната акцијата за пошумување – Пошумуваме заедно 2023.

Не би сакала, додаде, да шпекулирам додека не ги добиеме резултатите, но мислам дека во понеделник ќе ги има и Државниот инспекторат за животна средина заедно со министерството ќе ја информира јавноста.

На новинарско прашање дали ќе побара одговорност од сопственикот на отпадот, Шукова истакна дека во моментов не може да даде други податоци бидејќи, како што рече, целата оваа постапка се води од Градот Скопје, а не од државата.

Шукова нагласи дека минисерството во 2020 година од својот буџет одвоило 20 милиони денари за чистење на депонијата во Визбегово и иако се расчиствува, како што рече, граѓаните постојано ја наполнуваат депонијата со отпад.

Слични содржини