Потпретседателката на СДСМ Каја Шукова, пратеникот од Левица Амар Мециновиќ, универзитетскиот професор Горан Марковски, потпретседателката на Европската мрежа против сиромаштија Билјана Дуковска, секретарката на Универзитетското студентско собрание на УКИМ Адела Асани и членот на Регулаторна комисија за домување Башким Алили, вчера учествуваа на панел дискусијата „Домот е основна потреба, а не привилегија – локални политики за младите” во организација на Фондацијата Фридрих Еберт – Канцеларија Скопје.
На оваа панел-дискусија се разговараше за сите предизвици со кои се соочуваат младите во однос на домувањето.
Шукова, потенцираше дека за прашањето за домување мора надпартиски да се дејствува.
„Виенскиот модел е еден многу добар модел за домување. Тој е интересен и можеби може Градот Скопје да го спроведе. Во Виена при продажба на стан, при градба на објекти одлучила дел од давачките да ги одбие на оние што градат за одреден број на станови. За 50 стана во една зграда, инвеститорот нема да плати комуналии во вредност од еден стан или два и тие ќе ги отстапи на градот, а потоа градот понатаму ќе ги дава на категорија на граѓани кои имаат потреба. Тоа е еден убав модел којшто може да се спроведе кај нас, иако многу доцниме. Мора да почнеме поразлично да размислуваме, а за одредени теми и надпартиски да делуваме”, рече Шукова.