Шукова: Законите за Студенчишко Блато и за Охридското езеро се согласно препораките на УНЕСКО

од Vladimir Zorba
255 прегледи

Министерската за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, денеска посочи дека се носат два законa кои се во согласност со препораките на УНЕСКО, Законот за Студенчишко Блато кој е во Собрание и Законот за Охридското Езеро кој е на јавна расправа, а чија што цел е да ги дорегулира работите кои се утврдени како недостатоци во изминатите години. Таа се надева оти Законот за Охридското Езеро многу брзо ќе влезе во Собрание и ќе побара консензус од сите политички партии да се донесат и двата закона.

-Она што се прави во моментот е дека се носат два законa кои се битни и се согласно препораките на УНЕСКО. Многу е важна имплементацијата на законите. Тука мораме да работиме сите. Не може само Владата во рамките на своите надлежности да помогне да се реализираат сите мерки и активности. Голем дел од надлежностите се и на локалната самоуправа.  Одземањето на ингеренции како правен лек е нешто што најмалку го посакуваме. Меѓутоа, ако се кочи процесот и тоа ќе го правиме. Знаете, ја одземавме ингеренцијата на Општина Свети Николе за регионалното управување со отпад. Но јас стварно не го посакувам тоа, рече Шукова.

Таа потенцираше дека постојано разговара со општините и се финансираат проекти во рамките на програмите na Министерството. Како што рече, Општина Охрид е една од општините која што оваа година доби дел од поголемите проекти во рамките на програмата за инвестирање од Министерството. Шукова појасни дека има добра соработка со сите градоначалници.

-Со градоначалникот на Охрид неколкупати сме разговарале, беше и во мојот кабинет, утврдивме кои се приоритетите. Еден од проектите кој е важен за УНЕСКО во моментот го финансира Министерството, со државни средства. Еден во рамките на заемот од Европска инвестициона банка, градоначалникот како приоритет го става проектот за Трпејца којшто е еден од проектите што мора да се реализира. Сега ја прегледуваме техничката документација да видиме дали е соодветна, да пристапиме кон финансирање на тој проект. Значи, има многу активности. Во рамките на финансиите кои ги има и државата и локалната самоуправа, сите се имплементираат, изјави Шукова, одговорајќи на новинарско прашање за време на настанот „Blue economy summit“  во Скопје.

Слични содржини