Шумахер: Луис мора да признае дека Расел е подобар

од Vladimir Zorba
361 прегледи

Ралф Шумахер прокоментира дека 7-кратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон мора да признае дека неговиот нов тимски колега во Мерцедес, Џорџ Расел се снаоѓа подобро од него од почетокот на сезоната.

На „Имола“, Хамилтон беше само 13-ти, а Расел заврши на 4-то место, а според Ралф, Луис сега ќе треба да се запраша од каде оваа разлика во перформансите.

„Треба да разговараме за Луис Хамилтон“, напиша Ралф во својата колумна за веб-страницата на „Скај Спортс Германија“. „Треба да размисли зошто Џорџ Расел е толку многу побрз од него. 13-тото место, се разбира, не е она кон што цели Хамилтон“.

Според помладиот брат на Михаел Шумахер, Хамилтон мора прво да си признае дека неговиот помлад соиграч го победува.

„Луис мора да признае дека Расел е подобар пилот сега. Доколку вака продолжи во следните неколку недели, работите ќе бидат многу возбудливи во Мерцедес. И може да има промени во распределбата на моќта“, додаде Ралф, навестувајќи дека и покрај тврдењата на Тото Волф, Хамилтон продолжува да ужива во апсолутниот статус на пилот број еден во тимот.

Во исто време, Ралф не мисли дека Хамилтон треба да се повлече од Формула 1 на крајот од оваа сезона.

„Далеку сум од тоа да мислам дека Хамилтон го пропушти моментот кога мораше да ја заврши кариерата. Луис останува еден од најдобрите возачи во Формула 1, тоа е јасно. Но, новите автомобили бараат посериозно прилагодување од страна на возачите. А Хамилтон не е навикнат на тоа. Од друга страна, Расел е млад пилот и очигледно е подобар во овие барања“, заклучи Шумахер.

Слични содржини