Шумахер најави пропаст на Ред Бул: „Верстапен ќе ги напушти!“

од Vladimir Zorba
211 прегледи

Ралф Шумахер (48) смета дека заминувањето на Адријан Њуи од Ред Бул е позначаен настан за Формула 1 од трансферот на Луис Хамилтон од Мерцедес во Ферари.

Особено што самиот Њуи би можел да му се придружи на сонародникот Хамилтон во „Скудерија“ следната сезона.

Но, ако тоа не се случи, една од најредовните фигури на пистите ширум светот верува дека Ред Бул брзо ќе се претвори во просечен тим без својот прв дизајнер.

Помладиот брат на еден од најголемите возачи на сите времиња, Михаел Шумахер, кој и самиот имаше солидна кариера во Формула 1 (182 трки, 27 подиуми, 6 пол-позиции, 6 победи) отиде чекор понатаму и објави дека Њуи е само прв во низата клучни луѓе на тимот на Ред Бул кои наскоро ќе ја напуштат базата во Милтон Кејнс.

„Да, тоа е факт и повеќе луѓе ќе си заминат“, одговори Шумахер Јуниор на прашањето за организациската криза во најдоминантниот тим во првенството.

„Тоа е јавна тајна, но во реалноста сè започнува од фактот дека Кристијан Хорнер верува дека не му треба ниту еден од тие луѓе и дека најдобро знае како треба да изгледа Ф1 тим. Конечно, ја има целосната поддршка од тајландските инвеститори“, изјави Германецот, пренесува шпанска „Марка“.

„Токму затоа верувам дека Ред Бул многу брзо ќе се претвори во просечен тим. Тогаш самиот Макс Верстапен ќе ги напушти, заедно со други добри инженери кои со нетрпение ќе бидат пречекани во другите тимови, како Адријан Њуи“, изјави Шумахер.

„Лично мислам дека Верстапен веќе има неколку опции пред себе. Разговорите се во тек, а според она што го слушам во боксот, единственото прашање е дали тој ќе замине следната година или по таа“.

Шумахер исто така најавува дека трансферот на Њуи во Ферари е завршена работа и дека негова прва задача ќе биде развојот на болидот за 2026 година, кога ќе стапат на сила новите барања, технички барања и прописи.

„Ништо не е случајно. Мислам дека Ферарито за 2026 година ќе биде дело на Адријан Њуи. Љубопитен сум да видам како ќе изгледа…“

Слични содржини