Возачот на Хаас, Мик Шумахер, откри дека договорот за 2022 година му ја олеснил дебитантската сезона во Формула 1 во 2021 година.
Синот на седумкратниот шампион Михаел Шумахер не успеа да освои ниту еден поен со најслабиот болид на патеката, но дефинитивно го победи својот тимски колега Никита Мазепин. Најсветлите настапи на младиот Германец ги имаше за време на квалификациите во Франција и Турција, кога успеа да се пласира во втората елиминациска сесија.
„Мојата сезона беше полесна од очекуваното, ако треба да бидеме искрени. Немаше тензија на неизвесност за следната година. Знаев дека ако носам резултати во поголемиот дел од сезоната ќе имам место. Од мене зависеше“, изјави Шумахер.
Во 2022 година тој повторно ќе се натпреварува за тимот на Хаас, каде ќе продолжи да биде партнер со Мазепин. Двајцата ќе се надеваат дека одлуката на американскиот тим да ја жртвува сезоната 2021 на сметка на 2022 година ќе вроди со плод и дека ќе имаат реални шанси да се борат барем на средината на колоната.