Шутаров: Граѓаните да не заборават дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ја претставуваа Арсовска како најуспешна менаџерка, за после една година таа да биде најлошиот градоначалник во историјата на Скопје

Ѓорѓиевски беше најгласен во несогласувањата помеѓу Арсовска и ВМРО ДПМНЕ, особено во делот на локалната самоуправа - вели советникот Шутаров за „Локално“

од Nikola Popovski
135 прегледи

Мислам дека се уште е рано за било какви прогнози во врска со локалните избори. Искрено се надевам дека борбата помеѓу кандидатите за градоначалници на Град Скопје без разлика од која партија се предложени или се независни ќе биде борба со програми и идеи како да го направат Скопје поубаво место за живеење и како ќе ги решаваат проблемите и како ќе ги сервисираат потребите на граѓаните, вели советникот во Советот на Град Скопје, Гордан Шутаров од редовите на СДСМ во разговор за „Локално“ за изборот на ВМРО-ДПМНЕ со името на Орце Ѓорѓиевски за претстојните локални избори во главниот град.

Ѓорѓиевски во тесна внатрепартиска битка го победи актуелниот министер Златко Перински, иако дел од анкетите го издвојуваа токму името на министерот како најсериозен кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на најголемата владеачка партија. Шутаров вели дека не би сакал да ги коментира внатрепартиските анкети на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи резултатите и дебатите што се воделе се нивна интерна проблематика со кои граѓаните не треба да се оптеретуваат многу.

Запрашан дали можеме да ја проектираме судбината на Кисела Вода во главниот град по евентуалното преземање од Ѓорѓиевски, Шутаров смета дека граѓаните на Кисела Вода се оние кои можат да дадат генерална оценка за 4-годишниот мандат на градоначалникот, бидејќи, како што вели, сите ние одлучуваме во каква општина и каков град живееме, но исто така и за кого ќе ги дадеме нашиот глас на локалните избори.

-Граѓаните се оние кои даваат и одземаат легитимитет на избраните носители на јавни функции и секогаш одлуката на граѓаните е конечна и легитимна, иако понекогаш и сите ние самите знаеме да погрешиме во нашиот избор, додава советникот.

Од опозицијата велат дека со нападите и задкулисните игри против градоначалничката Данела Арсовска, Ѓорѓиевски е најдиректно одговорен за лошата состојба во која се наоѓа Град Скопје. Според Шутаров, факт е дека градоначалникот на Кисела Вода беше најгласен во несогласувањата помеѓу Арсовска и ВМРО ДПМНЕ, особено во делот на локалната самоуправа. Впрочем, како што вели, Ѓорѓиевски беше тој којшто ја промени Арсовска од претседателското столче на ЗЕЛС.

-Жал ми е, доколку било кој градоначалник на општините во Град Скопје со своите постапки и водење инает со администрацијата на Град Скопје, ги довел во прашање или ги загрозил интересите на граѓаните на општината која ја претставува. Да не заборавиме дека токму од страна на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска беше претставувана како најуспешна менаџерка, за после 1 година од изборот таа да биде најлошата менаџерка и најлошиот градоначалник во историјата на Град Скопје. Граѓаните ова не треба да го заборават при носењето одлука на изборите во октомври, а за состојбата во која се наоѓа Скопје одговорност треба да преземат сите оние кои ја убедуваа јавноста во спротивното, порачува Шутаров.

Како што кажа на прес-конференција во неделата, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одлуката Ѓорѓиевски да биде кандидат за градот Скопје била донесена бидејќи тој убедливо водел на анкетите и како градоначалник на Кисела Вода покажал дека умее и сака да работи за граѓаните. „За овој период што го познавам Орце знам дека е мотивиран да победува прво на изборите, а потоа секој ден за Град Скопје. Ѓорѓиевски ќе биде нова енергија која му е потребна на Скопје, после четири години девастација на градот. Ги научивме сите лекции за да не погрешиме во изборот на градоначалник овојпат“, рече Мицкоски.

На локалните избори во 2021 кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ беше актуелната градоначалничка Данела Арсовска, за која Мицкоски во изборната кампања велеше дека е жена менаџер која ќе го направи Скопје модерен град. По една година мандат, Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ се скараа и оттогаш постојано се препукуваат.

Н.П.

Слични содржини