Шуто Оризари доби гинеколошка ординација после долг период

од Nikola Popovski
326 прегледи

„Денеска започна со работа ординацијата на матичниот гинеколог кој го најдовме и се согласи да регистрира своја ПЗУ во Поликлиниката во општина Шуто Оризари. Околу 20.000 жени во оваа општина се обезбедени со примарна здравствена заштита после долги години“, објави денес министерот за здравство, Венко Филипче од пред поликлиниката во Шуто Оризари“.

Според него, ординацијата е целосно опремена според најсовремените стандарди со посебен стол, одредени апарати во делот на клопоскопија, најсовремен ехо апарат.

„Изминатиов период интензивно се работеше со повеќе партнери кои помогнаа за подобрување на здравствените услуги во оваа општина. Благодарност до амбасадорката на Сојузна Република Германија и до Амбасадата на Народна Република Кина кои со своите активности придонесоа до тоа оваа поликлиника која функционира во рамките на Здравствениот дом Скопје полека почнува да ги има сите сегменти во делот на примарна здравствена заштита“, соопшти Филипче.

Министерот посочи дека изминатиов период заедно со граѓанските организации, активни во општината, сите жени од општината добивале помош во делот на советувања, соодветна терапија, во делот на упатувањата кон соодветни специјалисти. По долги години, сега жените нема да бараат здравствени услуги во други здравствени установи.

„Гинекологот што го најдовме се согласи да регистрира своја ПЗУ и практично овде да ја оформи својата ординација заедно со медицинската сестра која е практично во оваа населба. Уште една поликлиника која веќе го зема под закуп просторот за матични лекари, поликлиниката се пријави има два дополнителни тимови кои ќе бидат матични лекари и кои ќе може да им бидат на располагање на сите жители од оваа населба. Значи, се заокружува еден сериозен процес на олеснување на пристапот кон здравствена заштита на сите жители коишто живеат во оваа населба“, рече министерот.

Слични содржини