Швајцарските обвинители отворија кривична истрага за протекување на детали за илјадници сметки од Credit Suisse, објавија светските медиуми.
Федералното обвинителство на Швајцарија во петокот соопшти дека истражува можна корпоративна шпионажа и кршење на законите за банкарска тајна во земјата во врска со меѓународна истрага на конзорциум новинари за валкани пари од февруари минатата година.
Серија написи објавени од организации вклучувајќи ги „Зидојче Цајтунг“, „Њујорк Тајмс“, „Гардијан“ и „Ле Монд“, под слоганот „Suisse Secrets“, тврдат дека откриле сметки на Credit Suisse на кои чуваат милијарди долари во име на криминалци.
Протекувањето на банкарските податоци, кое опфаќа информации за повеќе од 18.000 сметки на Credit Suisse, беше најголемото во историјата на швајцарското банкарство. Ниту еден швајцарски медиум не е вклучен во оваа истрага, бидејќи новинарите и издавачите, исто така, кривично се гонат во Швајцарија за кршење на законите за банкарска тајна.
Во моментот на протекувањето, Credit Suisse рече дека категорично ги отфрла наводите и инсинуациите за наводните деловни практики на банката.