Швајцарците одобрија зголемување на даноците за големите компании

од Stefanija Kuzmanovska

На референдумот одржан викендов, швајцарските граѓани одобрија зголемување на минималниот данок за компаниите и Законот за климата, чија цел е да се намали употребата на фосилни горива и нула емисии до 2050 година, објави јавниот сервис SRF.

Речиси 80 отсто од оние што гласаа на националниот референдум го поддржаа зголемувањето на деловниот данок во земјата на 15, од сегашната просечна минимална стапка од 11 отсто, додека Законот за климата беше поддржан од 59 отсто од гласачите, објави Ројтерс.

Во 2021 година, Швајцарија беше меѓу речиси 140 земји кои потпишаа договор од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за утврдување минимална даночна стапка за големите компании, што треба да ја ограничи практиката на префрлање на добивката во земји со ниски даночни стапки.

Дури и со ова зголемување, Швајцарија ќе има една од најниските стапки на корпоративни даноци во светот, а новиот закон, кој се проценува дека на државата ќе и донесе дополнителни приходи од две и пол милијарди франци годишно, е поддржан од бизнис групи, повеќето политички партии и јавноста.

Законот за климата, кој беше вратен во изменета форма, откако беше отфрлен во 2021 година како прескап, во последниве недели предизвика многу повеќе дебата со оние кои се против неговото усвојување.

Поддржувачите на законот велат дека тоа е минимумот што една богата земја треба да го направи за да ја докаже својата посветеност во борбата против климатските промени, додека противниците од десничарската Народна партија тврдат дека тоа ќе ја загрози енергетската безбедност.

Слични содржини