ЈО соопшти дека шест лица биле фатени на скопскиот аеродром со фалсификувани ПЦР-тестови на Ковид-19, кои наводно им биле извадени од лаборатории во Скопје.
„Четворица македонски државјани и по една државјанка на Швајцарија и Велика Британија покажале лажни потврди за негативни ПЦР тестови за Ковид вирусот на граничниот премин Меѓународен аеродром Скопје. Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против шесте лица за кривично дело – Фалсификување исправа согласно член 378 став 1 од Кривичниот законик“, се вели во соопштението.
Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија информираат дека при излез од државава, во одделни кривично-правни настани, обвинетите, на граничниот премин на Меѓународниот аеродром Скопје, прикажувале лажни потврди за негативни ПЦР-тестови за коронавирусот, кои наводно биле издадени од лаборатории во Скопје. „Потврдите како вистински ги прикажувале пред овластените службени лица иако знаеле дека воопшто не се тестирале во наведените лаборатории“, соопшти Обвинителството.