Шведскиот премиер Улф Кристерсон го осуди курдскиот протест во средата во центарот на Стокхолм, каде што демонстрантите обесија кукла со ликот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган од јарболот од знаме, оценувајќи дека тоа ја саботира кандидатурата на Шведска за прием во НАТО.
Министерството за надворешни работи на Турција во четвртокот го изрази својот протест до амбасадорот на Шведска затоа што пред градското собрание во Стокхолм беше обесена куклата. Турските власти потегот го нарекоа „гнасен чин“ и „терористичка пропаганда“ на поддржувачите на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК) во Турција.
Турците посочија дека овој случај е спротивен на договорот меѓу Шведска и Финска со Турција, членка на НАТО, од која очекуваат одобрение за нивниот прием во Алијансата, дека ќе ги потиснат активностите на курдските активисти.
Претседателот на Парламентот на Турција, Мустафа Шентоп, ја откажа посетата на Андреас Норлен, претседателот на шведскиот Риксдаг, која беше закажана за следниот вторник.