Шведска планира да употреби дигитални део-огради во поголемите градови како заштита од потенцијални терористички напади.

Гранитни огради на Дротнингатан во Стокхолм
Министерот за инфраструктура Томас Енорот се надева дека следната година ќе бидат направени гео-огради во урбаните подрачја, кои ќе користат дигитална технологија за да ги сопрат возилата или да ја намалат нивната брзина при евентуален терористички напад.
Во април, украдено комбе беше користено за да покоси пешаци во Стокхолм во терористички напад во кој беа убиени петмина.
Од тогаш, шведските власти работеа на зголемување на безбедноста против ваквите напади, вклучително и изградба на физички огради на пешачките зони, дополнителен видео надзор и поголемо присуство на полиција на јавните настани.
На Дротнингатан, улицата која беше цел на априлскиот напад, властите веќе го дуплираа бројот на бетонски ѕитчиња за да ги спречат возилата да возат по пешачката зона.
„Безбедноста на нашите пешачки зони е подобрена. Директно по терористичкиот напад ставивме повеќе камени бариери, а нарачавме и потешки верзии кои доаѓаат следната година“, вели Даниел Халден, комесар за транспорт на Стокхолм.
Потешките верзии тежат три пати повеќе од сегашните, секој тежи по три тона, а ќе бидат наместени така за да не можат возилата директно да возат, туку ќе бидат принудени да свртат, што и ќе ја намали нивната брзина.
Сепак, Халден вели дека тие бариери нема да помогнат при напад со камион како овој во Њујорк во вторникот, каде возачот се упати по велосипедска патека, целејќи во велосипедисти и пешаци.
„Ни треба систем каде тешки возила нема да можат да возат во центарот без апарат кој би ја регулирал нивната брзина“, објаснува тој. „Тогаш камионите нема да возат пребрзо во области каде возењето е забрането, туку ќе сопрат“.
„Технологијата е тука, но сè уште не е тестирана на поголемо ниво“, вели министерот Енорт, кој се надева дека гео-оградите ќе бидат пуштени во употреба во тест верзија до година.
Премиерот Стефан Лофвен рече дека владата работи со полицијата и другите надлежни да ги превенира овие напади, но за тоа ќе треба време.
„НИе мора природно да ја гарантираме безбедноста на граѓаните колку што е можно повеќе. Ние никогаш нема да може да кажеме дека напад никогаш повеќе нема да се случи. Но, ќе работиме на безбедноста колку што може“, вели тој.
Од Цивилната агенција за непредвидени околности побарано е да работат на зголемување на безбедноста на јавните места, со тоа што ќе мапираат како одговорностите треба да бидат поделени меѓу различни надлежни институции.