Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави денеска дека Шведска сè уште сака да се приклучи на НАТО пред или на самитот на алијансата во Вилнус во јули, иако не е сигурно дека тоа ќе биде можно тогаш.
Шведска и Финска го отфрлија децениското воено неврзување по руската инвазија на Украина минатата година и поднесоа барање за влез во НАТО. Финска стана членка на алијансата во април, но процесот на пристапување на Шведска е побавен.
Шведска се надеваше дека ќе се приклучи на НАТО на самитот во јули, и иако има силна поддршка од членки како САД, Турција и Унгарија досега одбиваа да го ратификуваат членството на Шведска.
„Шведска ќе стане членка на НАТО“, рече Кристерсон во интервју за јавната телевизија СВТ.
„Никој не може да вети дека тоа ќе се случи во Вилнус или во пресрет на Вилнус, и покрај фактот што тоа беше наша амбиција цело време. И ова е амбиција што ја споделуваме со секоја друга членка на НАТО“, додаде тој.
Турција ја обвини Шведска дека засолнила, како што тврди, членови на терористички групи, што Шведска го негира. Анкара побара нивна екстрадиција како чекор кон ратификација на членството на Шведска и изрази гнев поради антитурските демонстрации во оваа скандинавска земја.
Во меѓувреме, Шведска соопшти дека слободата на говорот е цврсто запишана во нејзиниот устав и дека ги исполнила сите барања од договорот со Турција и Финска што беше договорен во Мадрид пред една година.
Шведските и турските претставници се состанаа на 14 јуни, при што главниот шведски преговарач ги опиша разговорите како „добри“. Тие треба да одржат уште една средба на високо ниво во Брисел во организација на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг пред самитот во Вилнус.
„Рековме и дека го почитуваме фактот дека Турција е таа што ги носи турските одлуки и добро е што сега имаме уште една средба… и можеби во таков разговор можеме да го решиме чудниот прашалник пред самитот во Вилнус. “, рече Кристерсон.