Шведска со гол во последната секунда се искачи на покривот на Европа!

од Nikola Popovski
360 прегледи

Шведската ракометна репрезентација стигна до петтата европска титула со гол во последната секунда против Шпанија за конечни 27:26 во финалето во Будимпешта. Скандинавците го слават Никлас Екберг, кој од пенал ја погоди мрежата за голем триумф, со што „црвената фурија“ ја симна од тронот.

И додека практично сите ја очекуваа пресметката меѓу Данска и Франција во големото финале, изненадувачки решавачкиот меч на континенталниот преглед беше резервиран за Шведска и Шпанија.

Двете репрезентации веќе се сретнаа еднаш во групната фаза, а Шпанија славеше со резултат 32:28.

Сепак, Швеѓаните беа поуспешни кога беше далеку многу поважно.

„Фуријата“ на патот до големото финале на ЕП во Будимпешта го елиминира првиот фаворит и светски првак Данска (29:25), додека Шведска беше поуспешна од олимпискиот шампион Франција (34:33).

Бергендал со пет гола беше најефикасен поединец во таборот на „трите круни“, но Екберг со гол во последната секунда го понесе епитетот на херој.

Од друга страна, Фигуерас шест пати ја погоди целта исто како и Гомез, додека Фернандез постигна четири гола.

 

Македонската ракометна репрезентација одигра под своите очекувања на ова натпреварување и без уделот на терен од капитенот Кире Лазаров се пласираше на 22-то место од 24 земји учеснички.

Слични содржини