Шведски министер: Речиси е невозможно да се протерат Авганистанци одговорни за кривични дела

Шведскиот министер за миграции Јохан Форсел ја повика Европска унија да воспостави заедничка процедура за издавање идентификациски и патни документи за авганистански државјани на кои им е одбиен азил или кои сториле кривични дела во земјите домаќини.

од desk4
14 прегледи

Форсел изјави дека во моментов е „повеќе-помалку невозможно“ да се депортираат Авганистанци кои не ги исполнуваат условите за азил, бидејќи немаат лични документи или пасоши. Според него, иако во ЕУ не постои интерес за „политички аранжмани“ со Авганистан што би му дале легитимитет на талибанскиот режим, земјите членки можат на техничко ниво да постигнат договор за издавање документи кои би овозможиле побрзи депортации.

Во разговор за Associated Press на маргините на неформалниот состанок на министрите за правда и внатрешни работи на ЕУ на Кипар, Форсел истакна дека Шведска има голем број случаи на Авганистанци кои сториле кривични дела, а кои денес речиси е невозможно да се протераат.

„Ако дојдете во Европа и сторите кривично дело, самите сте одлучиле да не бидете дел од нашето општество. Мора да направиме сѐ што можеме за да обезбедиме таквите лица да бидат депортирани“, рече тој.

Форсел додаде дека сличен проблем постои и со неуспешните сириски баратели на азил, но дека во моментов приоритет се авганистанските државјани. Според него, тие не можат да добијат лични документи или пасоши бидејќи поголемиот дел од авганистанските амбасади во Европа не се признаени од талибанските власти.

Тој наведе дека извршното тело на ЕУ неодамна имало контакти во Кабул во врска со ова прашање, што го оцени како „многу позитивен прв чекор“, и додаде дека меѓу земјите членки постои широк консензус за забрзување на депортациите на Авганистанци на кои им е одбиен азил или кои сториле кривични дела. Како можно решение, предложи организирање заеднички чартер-летови од повеќе земји на ЕУ.

Еврокомесарот за внатрешни работи и миграции Магнус Брунер изјави дека земјите членки на техничко ниво комуницираат со „де факто властите“ во Авганистан со цел олеснување на репатријациите.

Форсел потсети дека традиционално великодушната шведска политика кон азилантите се променила во последната деценија поради загриженоста на граѓаните околу проблемите од масовната миграција. Тој нагласи дека барањата за азил во Шведска во моментов се на најниско ниво од 1985 година и оцени дека владата „го испорачува она што шведската јавност го очекува“.