Претседателот Си Џинпинг во неделата го отвори 20-тиот Конгрес на владејачката Комунистичка партија во Кина и се очекува да освои трет мандат и да го зацврсти своето место како најмоќен владетел во земјата од Мао Це Тунг. Во двочасовниот говор, Си Џинпинг ги повика членовите на партијата да се подготват за тешки времиња, ја пофали стратегијата за нулта ковид и рече дека Кина и Тајван мора повторно да се обединат.
Си нагласи дека „партијата никогаш нема да се откаже од употребата на сила и ќе ги преземе сите неопходни чекори за да ги потисне сепаратистичките движења“, што му донесе најголем аплауз од собраните делегати.
Партиските конгреси, на кои се разговара за клучните политики и се избираат клучните функционери, се вежбаат и се договараат месеци однапред, така што нема простор за изненадувања. Она што е интересно се темите кои Комунистичката партија одлучува да ги вклучи како клучни на петдневниот состанок и кадрите што ќе бидат назначени во Централниот комитет и во Политбирото.
На последниот партиски конгрес одржан во 2017 година беше акцентирана борбата против корупцијата и нееднаквоста, а сега се очекува добар дел од собирот да биде посветен на несогласувањата и предизвиците на либерално-демократското движење.
Сè поавторитарна и смела Кина
Собирот, на кој присуствуваа околу 2.300 делегати од целата земја, започна во Големата народна сала на западната страна на плоштадот Тјанамен во услови на силно обезбедување и под сино небо по неколку денови исполнети со смог во кинескиот главен град.
За време на своето владеење, Си ја насочи Кина по уште поавторитарен пат кој и дава приоритет на безбедноста, државната контрола на економијата во име на „општ напредок“, понаметлива дипломатија, посилна војска и зголемен притисок за заземање на Тајван. Аналитичарите генерално не очекуваат промена во начелната политичка насока.
Во последниве денови, Кина ја нагласи посветеноста на Си на стратегијата за нулта Ковид, рушејќи ги надежите на безброј кинески граѓани и инвеститори дека Пекинг наскоро би можел да се откаже од политиките што предизвикаа незадоволство и економска штета.
Влошени односи со Западот
Се чини дека моќта на Си не е намалена од немирите во текот на годината во која кинеската економија драматично забави, нарушена со чести заклучувања поради Ковид, имотната криза и влијанието врз гушењето на некогаш слободната „платформска економија“.
Односите на Кина со Западот нагло се влошија поради поддршката на Си за Владимир Путин. Синот на револуционер од Комунистичката партија, Си ја обнови партијата која стана длабоко корумпирана и сè поневажна, проширувајќи го своето присуство во сите аспекти на Кина, а Си официјално стана нејзиното „јадро“.
Во 2018 година, тој ги укина ограничувањата на претседателскиот мандат, отворајќи му го патот да го прекине деценискиот преседан и да служи трет петгодишен мандат или подолго.
Нови пет години на чело на партијата
Конгресот кој се одржува двапати во една деценија се очекува повторно да го потврди Си за генерален секретар на партијата, најмоќната функција во Кина, како и за претседател на Централната воена комисија. Претседателството на Си треба да биде обновено во март на годишната седница на кинескиот парламент.
Пред конгресот, кинескиот главен град ги засили безбедносните мерки и ограничувања поради Ковид, додека на челичарниците во блиската провинција Хебеи им беше наложено да ја намалат работата за подобрување на квалитетот на воздухот, рече извор од индустријата.
Еден ден по завршувањето на конгресот во сабота, Си се очекува да го претстави својот нов седумчлен Постојан комитет на Политбирото. Тоа ќе го вклучи лицето што ќе го замени Ли Кечијанг како премиер кога Ли ќе се повлече во март, откако ќе ги одработи максималните два мандати.