Си Џинпинг доаѓа во соседството: „Кина си бара економско-политички претставник за Балканот и Европа и сака да го зголеми своето влијание“

од Nikola Popovski
346 прегледи

Претседателот на Народна Република Кина, Си Џинпинг во дводневна посета на Србија, на покана на претседателот Александар Вучиќ. Вчера во Франција, Париз и Пекинг почнаа нова фаза во односите за следните 60 години. Шефот на кинеската држава од Франција пристигнува во Белград, по што ќе следи посета на Унгарија. Кинескиот претседател кај нашиот северен сосед ќе го чуваат 3.400 полицајци. Сепак, ова не е конечната бројка на луѓе кои ќе бидат задолжени за безбедниот престој на кинескиот лидер и неговата делегација во Србија.

Си доаѓа во Белград на 25-годишнината од уништувањето на зградата на кинеската амбасада при бомбардирањето на НАТО. Се очекува заедно со Вучиќ да разговараат за широк спектар на теми, од политички, економски и технолошки до соработка во областа на културата.

Што се крие зад посетата на претседателот на Кина рутата Париз-Белград-Будимпешта?

Според дел од домашните аналитичари и експерти, Си Џинпинг одбра една држава која што е секогаш специфична од останатите земји на ЕУ, која во 1964 година прва воспостави дипломатски односи со Кина и од тој момент француската надворешна политика имаше специфичен однос кон кинеското прашање, за разлика од САД и останатите, кои секогаш гледаа кон Пекинг како кон комунистичка опасност. За професорот и поранешен амбасадор Нано Ружин, оваа посета на Париз е возвратна посета на кинескиот претседател со оглед дека Макрон пред 3 години беше во посета на Кина и беше пречекан на највисоко ниво.

Нано Ружин

-Посетата има геополитичко, дипломатско и економско значење со оглед дека се случува војната во Украина и западните сили, пред се Франција и ЕУ сметаат дека Си може да влијае врз политиката и воената реторика на Путин. Од друга страна, знаеме дека голем дел од критиките беа насочени кон Кина дека наводно извезува оружје или елементи во Русија, а знаеме дека САД водат цврста политика на блокирање на кинеските производи. Во такви услови поводот е одличен да се посети франција која е во таборот на земјите кои го симболизираат Западот, вели Ружин во разговор за „Локално“.

Според него, Србија и Вучиќ се веројатно најверен европски и балкански пријател на Кина. Ружин потенцира дека официјален Белград очекува значајни економски профити и интереси од оваа посета бидејќи Кина си бара „свој портпарол“ и „економско-политички претставник“ за Балканот и Европа.

-Убеден сум дека преку Србија, голем дел од балканските држави ќе бидат во состојба да располагаат со кинеското производство. Укинати се царинските давачки и на тој начин Србија ќе профитира од таквата позиција. Со економската оди и дипломатската и политичката моќ. Не е тајна дека Кина сака да го зголеми своето геополитичко и геоекономско влијание на Балканот – имаше инвестиции во Македонија, БиХ, Црна Гора, па дури и во Хрватска кога не беше членка во ЕУ. Кина е присутна и во Албанија и Грција и можеме да констатираме дека има една политика која што сака да ја зголеми преку геополитиката, оценува соговорникот.

Унгарија исто така е почестена од посетата на Си со оглед на позицијата на унгарскиот премиер Орбан, додава Ружин, кој се спротивставува на војната во Украина, а од друга страна покажува одредени критики кон американскиот унилатерализам.

-Мислам дека ако го прашате кинескиот претседател што најмногу му пречи во политиката на Западот, секогаш ќе ви каже американскиот унилатерализам и тука се приближува кон позициите на Путин, објаснува професорот.

Со оглед на најавената Резолуција за геноцидот во Сребреница и дали Србија ќе бара поддршка од Кина за неусвојување, професорот смета дека Белград бара простор за Резолуцијата и тоа не е тајна. Сепак вели дека тоа е друго прашање.

-Од една страна велат дека не било геноцид и прашуваат што е тоа што се случува во Газа, додека од друга страна велат дека во Сребреница се случило само злосторство. Мислам дека оваа Резолуција има пошироко значење, заклучува Ружин.

Со сличен став е и професорот и поранешен советник за надворешна политика, Мерсел Биљали. Според него, посетата на Си е во склоп на кинеските големи интереси во Европа, осебено пројектот „Пат и појас“. Сепак во однос на Резолуцијата за Сребреница, Биљали смета дека Кина не е толку загрижена за проблемите на Србија.

Мерсел Биљали

-Таа е велесила и не би се дискредитирала да брани геноцид. Кина сепак е сериозна држава и втор светски играч, оценува професорот во разговор за „Локално“.

Истакнува дека вакви резолуции не се усвојуваат во Советот за безбедност на ОН, туку во Генералното собрание на ОН, што значи дека никој со право на вето не може да ја спречи.

-Резолуцијата е напишана што на тој начин што навистина му помага пред се на српскиот народ, со порака никому никогаш повеќе да не му се повтори на некого и со надеж дека тие како луѓе знаат да го одвојат доброто од злото. Мислам дека демократските сили на српскиот народ требаше да ја иницираат оваа Резолуција со свои претставници. За жал станува збор за откачен идеолошки концепт, концепт кој ги слави воените злосторници веќе три децении, концепт кој го негира геноцидот, ги минимизира злосторствата или дури триумфално повикува на нова војна, нови злосторства и нов геноцид, тврди Биљали.

Ако има нешто добро во овие тензии што ги создава Србија, а се однесуваат на усвојување на резолуцијата, додава соговорникот, тоа е целосно разоткривање и поделба на страните на цивилизациски и антицивилизациски корпус и во регионот и во светот.

-Во Резолуцијата за геноцидот во Сребреница не се споменуваат „српскиот народ“, државата Србија и ентитетот Република Српска. Исто така, не се споменува „воени репарации и компензации“. Не се зборува за „колективен геноцид“. Разбирливо е дека Србија ќе се задолжи да плати висока цена на морална отштета на фамилиите на жртвите, но исто така тоа е и внатрешно и меѓународно дискредитирање во светски размери, ако српскиот елемент настојува да се спротиставува на таков чин, наведува поранешниот совет за надворешна политика.

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ изјавила дека посетата на кинескиот претседател е признание за независната надворешна политика на Белград и дека тоа ќе биде „сериозен поттик за понатамошна соработка“.

Брнабиќ за српската телевизија „Хепи“ истакнала дека посетата на кинескиот претседател на Србија ќе донесе многу добро за секој граѓанин „поединечно“, а партнерството со Кина е „во заеднички интерес“.

„Сите вакви посети се градат на рамноправна основа, а интересите на Србија и нејзините граѓани секогаш се на прво место“, рекла Брнабиќ. Според неа, Кина е „единствениот најголем странски инвеститор“ во Србија.

„Кина инвестираше милијарда и 370 милиони во Србија во 2023 година, што е речиси една третина од вкупните странски инвестиции што влегоа во 2023 година“, додала Брнабиќ.

Н.П.

Слични содржини