Си-Ен-Ен го отпушти водителот Крис Куомo

од Vladimir Zorba

Си-Ен-Ен го отпушти водителот Крис Куомо поради помошта што му ја дал на неговиот брат, поранешниот гувернер на Њујорк, Ендрју Куомо, додека тој се борел против обвинувањата за сексуално вознемирување на жени кои биле вработени кај него.

Одлуката е донесена откако Си-Ен-Ен соопшти дека се појавиле дополнителни информации за степенот на вмешаност на Крис во одбраната на неговиот постар брат. Ендрју Куомо поднесе оставка во август, откако обвинителството соопшти дека го малтретира персоналот, објавија американските медиуми.

Крис Куомо во изјавата рече дека е разочаран и дека тоа не е „начинот на кој би сакал да заврши неговото време во Си-Ен-Ен“.

Тој работи за мрежата од 2013 година и стана еден од најпрепознатливите водители на вести, а неодамна беше домаќин на покривањето на Си-Ен-Ен за претседателските избори во САД во 2020 година.

Во соопштението на Си-Ен-Ен се вели дека е ангажирана „реномирана адвокатска фирма“ за да ги истражи напорите на Крис Куомо да му помогне на својот брат, политичар, да се бори против наводите за сексуално вознемирување. Но, како што напредуваше ревизијата, „на виделина излегоа нови информации“ кои доведоа до тоа мрежата да го раскине неговиот договор.

Си-Ен-Ен веќе го суспендираше Куомо во вторникот, откако беше откриен обемот на неговите напори зад сцената да помогне во скандалот.

Во тоа време, мрежата рече дека иако „ја ценат уникатната позиција на Крис Куомо и разбирањето за неговата потреба да го стави семејството на прво место, а работата на второ место“, советот што тој му го дал на својот брат бил кршење на новинарската етика.

Документите објавени од њујоршкиот јавен обвинител Летиција Џејмс во понеделникот покажуваат дека помладиот Куомо постојано вршел притисок врз персоналот на гувернерот да му дозволи да игра поголема улога во одбраната на неговиот брат.

„Морате да ми верувате“, во март ѝ испратил порака на Мелиса Дероса, секретарката на неговиот брат, додавајќи: „Ние правиме грешки што не можеме да си ги дозволиме“.

Тој вети и дека ќе контактира со други американски медиуми за да се обиде да дознае за други обвинувања.

Во е-пошта до „Њујорк Тајмс“, претседателот на Си-Ен-Ен, Џеф Закер рече: „Се подразбира дека овие одлуки не се лесни и дека се вклучени многу сложени фактори“.

Отстранувањето на водителот ќе покрене сериозни прашања за новинарските стандарди во САД. Дописникот на Си-Ен-Ен, Брајан Стелтер, рече дека „гледачите мора да можат да веруваат во она што го слушаат на телевизија кога се покрива чувствителна приказна, „дури и ако се работи за член на семејството на колега“.

Семејството Куомо долго време е една од најдоминантните династии во американската политика. Ендрју Куомо беше избран за гувернер на Њујорк во три последователни мандати, а нивниот татко Марио ја водеше државата повеќе од една деценија помеѓу 1983 и 1994 година.

Пред да поднесе оставка во октомври, Ендрју Куомо беше водечка политичка фигура, пред по истрагата предводена од државниот обвинител да заклучи дека сексуално вознемирувал 11 жени кои работеле за него.

Слични содржини