Ситуацијата во Tesla е несомнено лоша. Продажбата е во опаѓање. Профитот опаѓа, како и вредноста на акциите. Пред салоните на Tesla постојано се одржуваат протести. Cybertruck потфрли. Ситуацијата е всушност многу полоша, анализира Си-Ен-Ен (CNN).
Падот на нето добивката од 71% што беше објавен неодамна можеби беше засенет од најавата на извршниот директор Илон Маск дека ќе се повлече од своите контроверзни должности во Одделот за владина ефикасност (DOGE). Но, овој пад е само еден показател за сериозни финансиски проблеми кај овој производител на електрични возила, проблеми предизвикани од пад на продажбата (за прв пат во историјата на компанијата) и пад на цената на електричните возила.
Главниот проблем кај Tesla е недостатокот на профит. Подлабок поглед на финансискиот извештај за првиот квартал покажува дека Tesla губи пари од она што треба да биде нејзина примарна цел на постоење – продажба на автомобили.
Трошоците може да се зголемат поради царините на Трамп
Tesla успеа да оствари профит од 409 милиони долари во првиот квартал благодарение на продажбата на регулаторни кредити на други производители на автомобили во вредност од 595 милиони долари. Но, ако администрацијата на Трамп ги спроведе своите планови, Tesla може да се збогува и со оние регулаторни кредити што сè уште ја одржуваат во плус.
Исто така, се соочува со потенцијално зголемување на трошоците од царините што администрацијата на Трамп ги разгледува за увезени автоделови, а самиот Маск рече дека тие би можеле да бидат значителни, иако помалку отколку за некои конкуренти.
Продажбата опаѓа делумно поради зголемената конкуренција, особено во Кина. Tesla бележи пад на продажбата и во Европа и во Кина, иако вкупната продажба на електрични возила расте на тие клучни пазари. Наскоро ќе го изгуби првото место во глобалната продажба на електрични возила од кинескиот производител BYD.
Но, Tesla беше погодена и од политичката активност на Маск – од неговата вклученост во DOGE до поддршката на крајно десничарските партии низ целиот свет, како што е германската AfD. Дури и некои поддржувачи на Tesla на Волстрит веруваат дека штетата врз брендот би можела да биде долготрајна.
Маск го отфрла тврдењето дека компанијата е во сериозни финансиски проблеми: „Поминавме низ бројни кризи во текот на годините и бевме на работ на колапс најмалку десетина пати. Ова не е едно од тие времиња. Не сме на работ на колапс, ниту блиску. Постојат предизвици и очекувам дека веројатно ќе има непредвидени пречки оваа година, но останувам исклучително оптимист за иднината на компанијата.“
Профитабилна продажба на еколошки кредити
Но, она за што Маск не зборуваше беше фактот дека администрацијата на Трамп сака да ги укине федералните регулативи за емисии што им се во прилог на производителите на електрични возила.
Исто така, сака да го укине правото на Калифорнија и осум други американски држави да бараат построги регулативи за емисии од федералните стандарди, што би го оневозможило продавањето возила на бензин до 2035 година. Без строги федерални и државни регулативи за емисии, нема да има продажба на регулаторни кредити.
Продажбата на овие федерални и државни кредити беше исклучително профитабилно за Tesla, носејќи 8,4 милијарди долари приходи само од почетокот на 2021 година. Тие пари практично отидоа директно во профит.
Во поголемиот дел од својата историја, Tesla се потпираше на продажба на овие кредити бидејќи губеше пари од автомобили и производи за соларна енергија. Но, од вториот квартал на 2021 година, остварува профит во секој квартал, дури и без продажба на кредити – сè до последниот квартал.
Клучната маржа на профит исто така се намалува. Маржата во последниот квартал изнесуваше 12,5%, што е намалување од максимумот од 30% во првиот квартал од 2022 година. Последниот пат кога Tesla имаше толку ниска маржа на профит беше на почетокот на 2012 година, во време кога компанијата продаваше само 5.600 автомобили годишно.
Прв годишен пад на продажбата во историјата на компанијата
Маргина на профит од 30% во 2022 година ја направи Tesla најпрофитабилен производител на автомобили во САД, иако сепак продаде значително помалку возила од General Motors, Ford или Stellantis.
Благодарение на комбинацијата од здрава добивка и растот на продажбата на Tesla од 37% до 87% годишно, акциите скокнаа. Ова ја направи Tesla убедливо највредниот производител на автомобили во светот, а Маск најбогатиот човек.
Но, продажбата нагло падна минатата година, што претставува прв годишен пад во историјата на компанијата. Ова делумно беше предизвикано од растечката конкуренција од електрични возила од други производители, особено во Кина, а делумно и од реакцијата на клиентите на кои не им се допаѓаа сè поконзервативните и контроверзни политички ставови на Маск.
Дури и оние кои сè уште се оптимисти за акциите на Tesla веруваат дека брендот е трајно оштетен, но веруваат дека компанијата ќе има корист од воведувањето на „роботакси“ што треба да овозможи возење без возач.
„Отстранување на непотребните регулаторни пречки“
Министерството за транспорт им даде поттик на напорите на Tesla за автономно возење во четвртокот кога објави „рамка за автоматизирани возила“, која вклучува „отстранување на непотребни регулаторни пречки“ и овозможување на комерцијално воведување на автоматизирани возила.
Инвеститорите го протолкуваа тоа како уште еден знак дека администрацијата на Трамп презема чекори за да ѝ помогне на Tesla, што доведе до зголемување на акциите за 10% во петокот. Но, оваа рамка не гарантира успех во областа на автономното возење.
Маск тврди дека оваа услуга, заедно со воведувањето на хуманоидни роботи за кои се очекува да работат во фабриките на Tesla подоцна оваа година, ќе ја направи компанијата повредна од следните пет највредни компании во светот заедно. Многумина сè уште веруваат во иднината што ја замислува Маск, дури и ако не се толку оптимисти во врска со временската рамка.
Џин Манстер, управувачки партнер во „Deepwater Asset Management“, го припишува падот на маржите на профит делумно на пад на продажбата, а делумно на зголемување од 250 милиони долари на инвестициите во истражување и развој.
„Ова е тешка година, но Tesla всушност се подготвува за пробив следната година“, изјави Манстер за Си-Ен-Ен. Тој се согласува со визијата на Маск дека Tesla е во добра позиција да профитира од освојувањето на голем дел од пазарот на превоз на барање.
GM и Ford се откажаа од роботаксиите
Но, GM неодамна се откажа од својата понуда на роботакси откако заклучи дека „значајното време и ресурси потребни за развој на бизнисот, заедно со сè поконкурентниот пазар на роботакси“, не го поддржуваат овој бизнис модел.
Ford, исто така, во голема мера се откажа од развојот на автономни возила откако заклучи дека тоа нема да биде профитабилно во догледна иднина.
„Профитабилните целосно автономни возила во голем обем се сè уште далеку“, рече извршниот директор на Ford, Џим Фарли.
A Маск ветува роботакси на Tesla за една година – и така најмалку шест години. Дури и тој признава дека компанијата не ги исполнила претходните предвидувања за временска рамка за „целосно автономно возење“.
Кога ги објави најновите планови за роботаксите во октомври, тој призна: „Склон сум да бидам малку оптимист во однос на временските рамки“.