Кинескиот претседател Си Џинпинг свика итен состанок со највисоките безбедносни претставници на земјата и ги повика да се подготват за најлошото сценарио.
Тој побара од нив да ги засилат напорите за заштита на Кина од внатрешни и надворешни закани.
„Комплексноста и сложеноста на прашањата за националната безбедност со кои во моментов се соочуваме значително пораснаа. Мораме да размислуваме за најлошото можно сценарио и да поминеме низ големи тестови на силни ветришта и бранови, па дури и опасни, бурни мориња“, беше склон кон метафори Си додека им се обраќал на најистакнатите членови на Комунистичката партија, пренесе Си-Ен-Ен.
Мотивите за таквиот говор не ги најде само во надворешната туку и во внатрешната политика. Кина се соочува со цела низа предизвици, пред се економски кои се појавија поради влијанието на „надворешните фактори“. Санкциите и трговската војна значително ја намалија доминацијата на која Кина се навикна во изминатата деценија.
„Мораме да ги забрзаме и модернизираме државните безбедносни системи и способности, со фокус да ги направиме поефикасни во пракса“, нагласи кинескиот претседател, мислејќи на „вистинските битки“.
Очигледно, кинескиот лидер ја подготвува нацијата за конфликт, само прашање е дали претерува кога предупредува на најлошото сценарио. Од првиот ден од неговото владеење, кое трае точно десет години, овој најмоќен лидер во современата кинеска историја инсистираше на што е можно „поефективна безбедност“.
Тоа значи построг надзор на граѓаните и странците во Кина, циркулација на информации во земјата, од земјата и во земјата… Сака што е можно поголема контрола бидејќи тоа го гледа како превентивна акција, во согласност со ставот дека „мирот дома“ е потребен за повеќе глобални амбиции.
Светот во последните години го потресуваат бројни кризи, Кина е директно обвинета за онаа поврзана со пандемијата на коронавирус, а меѓу другото се критикува и нејзината политика кон Тајван, Хонг Конг и Ујгурите.
Затоа, кога човек кој според стандардите на Западот веќе владее на авторитетен и речиси тоталитарен начин, зборува за подготовки за најлошото сценарио, светот мора да му посвети целосно внимание, наведува Си-Ен-Ен.