Актерката и модел Сиена Милер во неодамнешното интервју за „Elle“ откри дека наишла на бројни коментари затоа што добила дете по 40-годишна возраст.
„Тоа е лудо. Ако твоето тело е способно за тоа, зошто не би родила? Сега сум подобра мајка отколку кога бев помлада. Никој нема што да каже за тоа. Ал Пачино и Роберт Де Ниро имаат деца во 80-тите години. Заборавете на вашите години, тоа е апсолутно неважно“, објаснила таа.
Сиена е во врска со 28-годишниот музичар Оли Грин. Минатата година, во интервју за „Harper’s Bazaar“, таа зборуваше за нивната врска и за тоа како се запознале. Според неа, тие се запознале на забава по повод Ноќта на вештерките и набргу потоа ја започнале врската. Сиена објасни дека не очекувала да се заљуби во него, особено поради големата разлика во годините.
„Дефинитивно не очекував дека двајцата ќе завршиме заедно, тој беше премногу млад, но потоа многу брзо се заљубив во него. Никогаш не размислував да имам помлад партнер. Тоа всушност ми беше доста тешко“, рекла таа.
Сепак, таа призна дека била пријатно изненадена од врската со 15 години помладиот партнер.
„Постои разлика во начинот на кој таа генерација мажи ги почитува жените. Тоа е специфично за него, бидејќи е многу мудар и добро приспособен, а верувам дека тоа е случај за целата негова генерација. Тие пораснаа на малку порамноправна основа. Тоа го гледам кај неговите пријателки, како и кај мажите“, тврди таа.
Сиена ја има ќерката Марлоу од претходната врска со актерот Том Стариџ.