Посилната економска соработка со Кина би ѝ помогнала на Европската унија, која во последните години изгуби сила поради нејзините одлуки, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.
Унгарскиот шеф на дипломатијата на панелот на Бледскиот стратешки форум рече дека Европската унија е „во лоша состојба“ на глобално ниво бидејќи поради своите одлуки значително ја изгубила силата, особено во три главни области – безбедноста, економската сила и енергијата.
Сијарто рече дека, како што покажува деветгодишната соработка со другите европски министри, ЕУ секогаш ги повикува двете страни да седнат на маса и да постигнат мирно решение во глобалните, далечни конфликти, но дека во случајот на руската агресија врз Украина, не го прави тоа.
„Кога зборувате за потребата од брзо примирје и прекин на огнот, веднаш сте осудени и стигматизирани како руски шпион, пропагандист на Кремљ и пријател на Путин“, рече тој.
На економски фронт, Сијарто истакна дека во 2010 година ЕУ имаше 22 отсто удел во светскиот БДП наспроти 9 на Кина, но дека денес азиската земја е на 18 отсто, како и Европската унија.
Конзервативниот унгарски политичар смета дека ЕУ не го нашла „вистинскиот пат“ за односот со растечката економија на Кина и дека тоа е лошо за европската економија, па додава: „Посилната соработка со Кина е нешто што би помогнало за растот на европската економија“.