Сијарто: Приклучувањето на Украина во НАТО ќе предизвика Трета светска војна

од Vladimir Zorba
31 прегледи

Пристапувањето на Украина во Северноатлантската алијанса во сегашните околности ќе предизвика Трета светска војна, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто за новинарите на маргините на Меѓународниот форум за гас што се одржува денеска во Санкт Петербург.

„Во случај Украина да биде примена во НАТО под сегашните околности, тоа би значело избувнување на Третата светска војна. Ние секогаш се залагаме против директна конфронтација меѓу Русија и НАТО“, рече Сијарто, пренесе ТАСС.

На претходниот самит на НАТО во Вилнус во јули 2023 година, украинскиот претседател Володимир Зеленски го изрази своето незадоволство затоа што земјите-членки не сакаа да прецизираат краен рок за покана на Украина за членство во НАТО.

По самитот Украина доби гаранции дека ќе се приклучи на алијансата откако ќе ги исполни потребните услови. НАТО постојано нагласува дека Украина не може да се приклучи на алијансата додека земјата е во војна.

Како што претходно изјави Сјарто, Будимпешта е под притисок да ја прекине енергетската соработка со Русија.

„Секако дека има политички притисок врз Унгарија, тие сакаат да ја прекинеме енергетската соработка со Русија“, рече Сијарто на пленарната седница на Меѓународниот форум за гас во Санкт Петербург.

Тој додаде дека одржувањето на енергетското партнерство со Москва е во интерес на Будимпешта.

Меѓународниот форум за гас се одржува од 8 до 11 октомври во Санкт Петербург, пренесe РИА Новости.

Како што претходно објави унгарскиот портал XM, Сијарто изјавил дека Унгарија и руската државна гасна компанија Гаспром денеска ќе потпишат договор за гас кој ќе им овозможи целосно користење на гасоводот Турски тек.

Русија во моментов го извезува својот природен гас во Европа преку две рути: гасовод изграден од времето на Советскиот Сојуз што ја преминува Украина и гасоводот Турски тек до Турција што минува по дното на Црното Море.

Договорот за транзит на гас на Русија со Украина истекува на крајот на годината.

Слични содржини