Сијарто: Во ЕУ продолжуваат гласовите против проширувањето кон Западен Балкан

од Vladimir Zorba
280 прегледи

Земјите од западот и северот на Европската унија продолжуваат да се противат на проширувањето на Унијата со Западен Балкан, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, нарекувајќи ги неодамнешните разговори во Европскиот совет „отрезнувачки“, пренесe МТИ.

„ЕУ повторно не обезбеди датуми за пристапување на кандидатите од Западен Балкан, а пристапните преговори допрва треба да започнат со Северна Македонија и Албанија“, се вели во објавата на Сијарто на Фејсбук.

Шефот на унгарската дипломатија истакна дека Србија отворила четири нови поглавја во процесот на интеграција, со што бројот на отворени поглавја се искачи на 22, од вкупно 35.

„Брисел повторно се движи кон политика кон Западен Балкан, која се ограничува на лекции и санкции“, рече тој.

Сијарто напомена дека новата министерка за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, му се заканила со санкции на српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик.

Тој рече дека Унгарија ќе стави вето на таков чекор во ЕУ, доколку некогаш излезе пред Советот на ЕУ.

„Босна и Херцеговина е географски блиску до Унгарија, ние сме заинтересирани за нејзината стабилност и мир и сметаме дека изјавите како онаа на германскиот министер се „загрижувачки“, нагласи Сијарто.

Слични содржини