Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок „погрешно ја разбира“ позицијата на Унгарија за пристапувањето на Украина во Европската унија, објави на Фејсбук министерот за надворешни работи Петер Сијарто.
Одговарајќи на изјавите на Бербок во Љубљана, Сијарто рече дека ставот на Унгарија е внимателно разгледан и основан, „без намера да уценува, а камоли да игра игри“, пренесува МТИ. „Унгарскиот народ, парламентот и владата се уште не гледаат никакви предности за предвремен почеток на пристапните преговори со Украина“.
„Бидејќи земјата е многу далеку од тоа да биде подготвена за такви разговори, стратешкото партнерство би било многу посоодветно“, рече Сијарто во изјавата во вторникот.
Тој ја предупреди Бербок дека Унгарија нема да го промени својот став по ова прашање „без оглед на притисокот“ и повика предлогот за почеток на пристапните преговори со Украина да се отстрани од дневниот ред на состаноците следната недела во Брисел, „за да се зачува европското единство“.
Шефицата на германската дипломатија во вторникот за време на посетата на Словенија го повика унгарскиот премиер Виктор Орбан да се откаже од своето вето за почеток на преговорите за пристапување на Украина во ЕУ и одобрување дополнителни средства за Киев.