Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, во вечерашното интервју во емисијата „Вин-Вин“ ги коментираше актуелните прашања поврзани со евроинтеграциите, уставните измени и односите со Бугарија.
Во однос на предлогот за уставни измени со одложено дејство, кој го претстави претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, Сиљановска Давкова истакна дека иако предлогот е „извонредно конципиран“, Бугарија не го прифаќа, а поради консензусот не може да помине. „Се обидел да го презентира, но е неприфатен“, рече таа.
Претседателката изрази и свое видување за долготрајните пречки во евроинтеграциите, подвлекувајќи дека „дваесет години маратон не се слави“, нагласувајќи дека „тажната приказна не ја напишавме ние, туку некој друг“. Таа додаде дека и други земји имале пречки, но успеале да ги надминат, а уставните измени кои се предлагаат како решение се проблематични, бидејќи уставот е „најинтерниот акт на државата“.
Сиљановска Давкова го критикуваше и министерот за надворешни работи за пречекорување на овластувањата во однос на Протоколот што е дел од Рамката за преговори, потенцирајќи дека „не може Протокол да биде дел од Рамка“, и изрази сомнеж за начинот на кој тој го потпишал овој документ.
Во врска со идентитетските прашања во односите со Грција и Бугарија, претседателката напомена дека Преспанскиот договор ги затворил овие теми, бидејќи во него јасно е наведено дека „народот има сопствена историја, култура и јазик“. „Таму не пишува грчко-македонска или бугарско-македонска историја, туку народ со сопствена историја, култура и јазик“, истакна Сиљановска Давкова.