И кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседателските избори, Гордана Силјановска-Давкова ги собрала потребните 10 илјади потписи. Од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека професорката до 12 часот собрала над 15.000 граѓански потписи за потврда на кандидатурата.
Потписите за нејзината кандидатура почнаа да се собираат денеска, откако вчера на конвенција на партијата официјално беше потврдена кандидатурата со 444 гласа од делегатите на ВМРО-ДПМНЕ.
Речиси истовремено, од Кабинетот на шефот на државата информираа дека во рекордно време, за неполни пет часа, собрани се 10.000 граѓански потписи за поддршка на кандидатурата за втор мандат на Стево Пендаровски.
-Собирањето на потписите започна денеска, 3 март во 08.00 часот, на територијата на целата држава и за неполни пет часа се собрани 10.000 потписи од граѓаните кои се потребни за поддршка на кандидатурата за претседател, соопштија од Кабинетот на Пендаровски.
Во соопштението се посочува дека продолжува собирањето потписи и во наредните часови и денови.
Покрај двајцата кандидати, потребните потписи ги собраа и Бујар Османи од ДУИ, Максим Димитриевски од ЗНАМ, Билјана Ванковска со поддршка на Левица, Арбен Таравари поддржан од здружената албанска опозиција и Стевче Јакимовски од ГРОМ.