Сиљановска Давкова им врачи книги на војниците и старешините од Велешката касарна

Претседателката првиот ден од новата 2026 година го помина со припадниците на Армијата

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: Гордана Сиљановска-Давкова

Во духот на обновената традиција, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова првиот ден од Новата 2026 година го помина со припадниците на Армијата во касарната „Алексо Демниевски – Бауман” во Велес, придружувана од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Сашко Лафчиски.

Обраќајќи им се на новопримените професионални војници, таа истакна дека дисциплината, усогласеноста и начинот на спроведување на обуката јасно ја отсликуваат нивната посветеност и интерес за воената професија.

Сиљановска-Давкова, во рамките на посетата, на Командата за обука и доктрини ѝ врачи едиција на книги од различни области, коишто ќе овозможат дополнителна едукација на војниците и старешините.

„Среќна сум што Новата година ја започнувам со вас! Ви посакувам добро здравје, посветеност и истрајност, зашто само со труд, надграден со љубов кон професијата, се создаваат перфектни војници”, порача претседателката.

Според неа, индивидуалната одговорност, професионалното ракување со опремата и јасната визија на македонската армија за мисијата се нераскинлив дел од воената служба.

Таа го поздрави постигнатото ниво на подготвеност коешто македонските војници, питомци и офицери ги прави компатибилни, препознатливи и рамноправни со своите колеги во сите сојузнички армии и меѓународни мисии.

Во текот на посетата, претседателката беше брифирана за мисијата и капацитетите на Командата за обука и доктрини. Таа присуствуваше на презентација во Центарот за симулации, каде што беше прикажана ефикасноста во изработката на правила, упатства и научени лекции, како и на презентација на Центарот за обука и дресура на службени кучиња.

Преку непосредниот увид во работата и активностите на терен, уште еднаш беа потврдени вредностите и способностите поради коишто оваа единица беше одликувана минатата година, високото ниво на кохезија, професионалност и целосна усогласеност со НАТО-стандардите.

Слични содржини