Сиљановска Давкова: Изјавата на Кос е софистицирано мешање во внатрешните работи

од Nikola Popovski
761 прегледи

Претседателката Гордана Силјановска Давкова оценува дека изјавата на новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, која го повика Скопје да направи уставни измени и да ја вклучи бугарската заедница во Преамбулата на Уставот, претставува софистицирано мешање во внатрешни работи на земјата.

„Имам замерка на изјавата на новата еврокомесарка, ми се чини дека значи земи или остави. Ова не е филозофија, бидејќи звучи како директно мешање во внатрешните работи. Тоа мене ми личи на софистицирано евромандаринство, тоа мене ме плаши од дикција која значи директно мешање во внатрешните работи“, рече Сиљановска Давкова.

Сиљановска Давкова истакна дека една од одредбите во Договорот за ЕУ е почитување на уставните и политичките структури.

Претседателката на прес-конференција со нејзиниот црногорски колега Јаков Милатовиќ, истакна дека Македонија е подготвена за уставни измени, но со одложено дејство, со предупредување дека продолжувањето на блокадите може да создаде пречки за напредокот на процесот.

Пред два дена, новата еврокомесарка за проширување рече дека очекува Македонија да ги спроведе уставните измени и да ги внесе Бугарите во Премабулата, бидејќи, како што кажа, тоа е нешто на коешто смета Европската Унија.

-Ништо помалку, ништо повеќе. Верувам дека ова е возможно, а потоа ќе следи вистинско забрзување на процесот, изјави Кос по одобрувањето на новиот состав на Европската комисија.

Запрашана дали ќе работи на добивањето гаранции дека нема да има други блокади од бугарска страна, Кос рече дека таа не е онаа којашто може да даде одговор на тоа прашање.

-Да се зборува, што е можно повеќе, и со Северна Македонија и со Бугарија. Мора да покажеме дека тоа е во наши раце, како да го решиме овој билатерален проблем. Без ова, а следејќи ги европските вредности, нема да можеме да го направиме она што е најдобро за ЕУ, и секако што е најдобро за Северна Македонија, кажа Кос.

Слични содржини