Сиљановска Давкова: Македонската дијаспора е столб на татковината

од Nikola Popovski
64 прегледи

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска, во Вила Билјана во Охрид, ги прими Мето Колоски и Гордан Јорданов од Обединетата Македонска Дијаспора.

На средбата, претседателката беше информирана за тековните проекти и планирани активности на ОМД и беа разменети мислења за Националната стратегија за соработка со дијаспората, за актуелните политички состојби во САД и Европа, како и за промените во демографијата на дијаспората.

Потенцирајќи дека ОМД претставува глобален глас на македонските иселеници во САД, Канада, Европа и Австралија, претседателката изрази поддршка на нејзините иницијативи и севкупниот придонес за меѓународна афирмација на земјата и промовирање на македонските вредности, идентитет и култура.

Во таа насока, таа се заблагодари за конструктивноста на ОМД, поддршката во застапување на македонските интереси и исполнување на стратешките цели на државата, како и за нивната улога во унапредување на билатералните односи со земјите во кои дејствуваат.

На средбата, претседателката ги истакна нејзините заложби за унапредување на соработката со ОМД, продлабочување на врските со иселениците, искористување на потенцијалите и јакнење на нивната улога во развојот и просперитетот на земјата.

Посочувајќи дека македонската дијаспора е столб на татковината, дипломатски ресурс и нашата економска состојба е директно поврзана со активностите на дијаспората, претседателката Сиљановска Давкова, истакна дека е неопходна активна и продуктивна соработка со македонските иселеници и изнаоѓање на модел и посебни услови со кои ќе се овозможат нивни инвестиции, како и пренос на знаење и вештини во земјава.

Слични содржини