Сиљановска Давкова на средбата со Кошта: Не смееме да бидеме колатерална штета на ветото

од Nikola Popovski
48 прегледи

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на која нагласи дека во процесот на европската интеграција не смееме да бидеме колатерална штета на ветото и на билатерализацијата на процесот на евроинтеграција.  

Истакнувајќи дека земјава e фокусирана на спроведување на реформската агенда заради достигнување на европските стандарди, таа истакна дека Копенхагенските критериуми се, и треба да останат единствените услови за членство во Европската Унија. 

Сиљановска-Давкова нагласи дека единствено со добра волја, меѓусебно разбирање и почит, може да се решат бугарско-македонските недоразбирања и спорови. 

Преговорите за историјата, културата и јазикот не се во духот меѓународното и европското право и значат негирање на европските вредности и принципи, утврдени во конститутивните документи на ЕУ во коишто се гарантираат националниот и културниот идентитет, како и интегритетот и дигнитетот на граѓаните.  

Предупредувајќи дека македонскиот преседан може да има домино ефект, проширувајќи се и на други држави од регионот, но и пошироко, со што ќе се загрози политиката на проширување на ЕУ, таа побара од Европскиот совет да предложи решение за оневозможување нови барања и условувања коишто ќе го дефокусираат нашето внимание од реформите на идентитетски прашања.      

Претседателката укажа дека бројката од 36 уставни амандмани за триесеттина години, од коишто најголемиот број се иницирани однадвор, ја релативизира важноста на уставот како највисок правен акт, од една страна и најширок и најважен општествен договор на граѓаните, од друга.

Таа потсети и на редовното искуство при секоја измена на уставот, на предложените амандмани да им се придружат нови, чие усвојување е услов за поддршка на првите.  

Потенцирајќи дека интегрирањето на Западен Балкан е јасен приоритет за ЕУ, претседателот на Европскиот совет Кошта искажа разбирање за националните чувства и состојбата во која се наоѓа државата и изрази став дека не очекува дополнителни политички условувања на македонскиот пат кон ЕУ.

Ценејќи ги вложените напори во изминатите две децении, тој смета дека треба да го искористиме моментов на зголемен интерес на ЕУ за проширување, во функција на обезбедувањето поголема безбедност и сигурност, покрај европеизацијата на регионот. 

Слични содржини