Сиљановска – Давкова: Нема подобра инвестиција од знаењето

од Љубиша Владимиров
25 прегледи

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денес присуствуваше на прославата по повод патрониот празник на основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во Гостивар. На свеченоста, таа додели пофалници на најуспешните ученици и упати порака до младите дека учењето е највредната инвестиција.

Во своето обраќање, Сиљановска – Давкова истакна дека има посебна поврзаност со турската култура и народ. Таа сподели лични моменти од животот, нагласувајќи дека е родена во турска куќа, во месец мај – кога се слави и овој празник – и дека била професорка, како што рече: „Еднаш професор, секогаш професор.“

Со длабока почит зборуваше за личноста и делото на Мустафа Кемал Ататурк, нарекувајќи го голем реформатор и изразувајќи восхит кон неговиот придонес за модерна Турција.

„Многу моменти од мојот живот биле поврзани со Турција и турскиот народ. Како судбина да ми било,“ рече таа, додавајќи дека денешниот датум – 19 мај – има особено значење за Турците ширум светот.

Претседателката ги охрабри учениците да продолжат да учат и да се развиваат, посочувајќи дека „знаењето е сила што никој не може да ви ја одземе.“

На прославата присуствуваше и градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани, а настанот беше збогатен со културно-уметничка програма.

ООУ „Мустафа Кемал Ататурк“ е едно од најголемите училишта во општината, со повеќе од 1.400 ученици и три подрачни училишта. Основано е во 1945 година, а од 2006 година го носи името на турскиот реформатор.

Слични содржини