Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо.
На средбата беше констатирано дека билатералните односи меѓу двете држави се основани врз пријателство и соработка во сите области од взаемен интерес, при што претседателката Сиљановска Давкова изрази подготвеност за натамошно проширување на билатералната соработка и продлабочување на македонско-кинеското пријателство во текот на нејзиниот мандат. Таа го реафирмираше македонскиот став за почитување на политиката „Една Кина”.
Соговорниците изразија очекување дека и понатаму ќе продолжат да се развиваат и унапредуваат меѓусебните односи во сите сфери од взаемен интерес, особено во делот на трговската размена и капиталните инфраструктурни проекти и ги нагласија можностите за проширување на економската соработка и туризмот. Во тој контекст, претседателката посочи дека е неопходно македонските стопанственици да бидат подобро запознаени со регулативата, прописите и функционирањето на кинескиот пазар, како би можело да се зголеми извозот во Кина.
Претседателката Сиљановска Давкова и кинескиот амбасадор Ѕуо разговараа и за улогата и влијанието на Народна Република Кина во светот, како и во нашиот регион, особено во контекст на економијата, а разменија мислења и информации и за ставовите на кинеската надворешна политика.