Сиљановска Давкова откри по што ќе го памети папата Франциск

од Nikola Popovski
893 прегледи

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова се огласи на социјалните мрежи по смртта на папата Франциск. Таа објави по што ќе го памети поглаварот на Римокатоличката црква.

-Како народен папа, му го честиташе на христијанското семејство Христовото воскресение и утринава мирно си замина во вечноста. Јас пак, по четириесетината минути незаборавен разговор, ќе го помнам по исклучителниот ум, мудрост, топлина и едноставност, напиша Сиљановска Давкова, споделувајќи фотографија од нејзината средба со Франциск.

Се огласија камбаните низ католичките цркви во земјава – верниците со молитви за покојниот Папа Франциск. Скопскиот бискуп ги повика сите свештеници, монашки заедници и верници да се обединат во лична молитва. Ден пред погребот ќе се служи света литургија задушница за папата.

Во изминатиот период Папата Франциск неколку пати кратко се појави во јавноста, последен пат ги поздрави верниците вчера од катедралата на плоштадот Свети Петар во Ватикан, каде што беше прочитана велигденската порака. Целиот живот го посвети на служба на Господ и на неговата црква.

135 кардинали од сите континенти се поканети во Светата Столица да присуствуваат на погребот и општите конгрегации, пред конклавата на која ќе биде избран новиот поглавар. На првото собрание ќе биде решен датумот на погребот, кој според правилата мора да се случи меѓу четвртиот и шестиот ден по смртта. Последна желба на папата е да биде погребан во базиликата „Санта Марија Маџоре“, наместо во базиликата „Свети Петар“.

На 7-ми мај 2019 година Франциск беше во историска посета на Македонија и стана првиот папа кој ја посетил земјава.

Слични содржини