Сиљановска-Давкова, покровителка и гостинка на свечената академија по повод 100-годишнината на Планинарскиот клуб „Љуботен”

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свечената академија по повод 100-годишинината од основањето на Планинарскиот клуб „Љуботен", одржана под нејзино покровителство во Домот на културата „Иљо Антески – Смок" во Тетово.

од Vladimir Zorba
7 прегледи Фото: Кабинет на Претседател на РСМ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свечената академија по повод 100-годишинината од основањето на Планинарскиот клуб „Љуботен”, одржана под нејзино покровителство во Домот на културата „Иљо Антески – Смок” во Тетово.

На настанот се обратија и претседателот на ПК „Љуботен”, Јован Божиноски и претседателот на ФПСМ, Зоран Читкушев.

Честитајќи го овој значаен јубилеј, таа им изрази особена благодарност на многуте генерации членови на „Љуботен” за докажаната љубов, почит и грижа за прекрасната Шар Планина и за природата, како и за нивниот личен и колективен придонес во промовирањето и популаризирањето на здравиот живот.

За неа, неспорно е дека планинарењето како спортска и рекреативна активност ги подобрува телесното и менталното здравје и ги јакнее карактерот и личноста на човекот. Оттука, време е да ги следиме инспиративните примери на државите во коишто, рекреативното планинарење не само што е интегрирано во програмата по Физичко образование во сите образовни институции и степени, туку и масовно се практикува како елемент на филозофијата на здрав живот.

Присутните имаа ретка прилика да ја проследат богатата историја на најстариот македонски планинарски клуб „Љуботен” преку презентацијата на документарен филм и мултимедијалната изложба во галеријата на Домот на културата.

На претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на неколкумина најзаслужни членови на клубот, како и на неколку домашни и странски институции и програми им беа доделени плакети за трајни вредности.