Силјановска Давкова со честитка за Денот на Власите: Државата мора да ги отстрани и последните пречки за нашите сограѓани

од Nikola Popovski
456 прегледи

На овој празник се потсетуваме на прифаќање на вистината дека Власите се посебен народ, со сопствен јазик, автентична култура и многувековно постоење на овие простори. Живеејќи омеѓени во неколку балкански држави, за Власите се вели дека се народ со многу татковини. А сепак, само во нашата заедничка македонска татковина, Власите се уставно признати и општествено ценети. Тоа се должи на македонската традиција на соживот и на почитување на достоинството на различноста, но и на влогот на Власите во борбата за слободна македонска држава. Пред 80 години, Власите рамноправно учествуваа и во формирањето на асномска Македонија, порачува претседателката Гордана Силјановска-Давкова, честитајќи го 23 Мај – Националниот ден на Власите.

И покрај предизвиците во образованието, додава Силјановска Давкова, претставниците на влашката заедница континуирано придонесуваат во секоја општествена сфера.

-Затоа, државата мора да ги отстрани и последните пречки за нашите сограѓани, Власи, да можат без никаков проблем да го остваруваат основното човеково право на образование.

Јазикот е најцврста врска меѓу предците и потомците, со кој се пренесува неповторливото искуство и уникатната перцепција што народот го има за реалноста. Оттука, влашкиот јазик е дел не само од македонското, туку и од европското културно богатство. Затоа, потребна е одлучна акција за зачувување и за промовирање на влашкиот јазик, идентитет и култура, особено во образовниот систем и неговото користење во приватниот и јавниот живот, во духот на европските вредности, стои во честитката на македонската претседателка.

Слични содржини