Сиљановска Давкова: Српската заедница е важен сегмент на македонското мултикултурно општество

Претседателката упати честитка до граѓаните од српска националност по повод празникот Свети Сава

од Nikola Popovski
8 прегледи Фото: Фејсбук/Гордана Сиљановска-Давкова

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до граѓаните од српска националност по повод празникот Свети Сава.

„Почитувани сограѓани од српска националност,

Ми претставува особена чест и задоволство да ви го честитам Националниот ден на Србите во земјава, празникот Свети Сава.

Ви посакувам овој голем празник да го поминете во добро здравје, мир и спокој, а вашите домови да бидат исполнети со радост и меѓусебна слога.

Делото на Свети Сава како просветител и мировник е вечен патоказ за тоа како се негува духовноста, но и како се гради заедништво засновано на меѓусебно почитување и разбирање. Токму српската заедница, со својот богат културен идентитет и традиција, е важен сегмент на македонското мултикултурно општество.

Вашиот придонес во сите општествени сфери ја прави македонската држава побогато, посовремено и попросперитетно место за живеење.

Во овие времиња полни со предизвици, пораката на Свети Сава за единство и љубов е поважна од кога било. Таа нè потсетува дека силата лежи во нашиот соживот и во меѓусебната почит.

Да продолжиме сплотени да чекориме по патот на напредокот, потпирајќи се на мостовите на пријателството што со векови ги градиме.

​Честит 27 Јануари, Денот на Свети Сава“, се наведува во честитката.

Слични содржини